Државата нема вратено данок на вработените на унгарската авиокомпанија „Визер“ во базата во Скопје од 2023 година досега. Пилотите и кабинскиот екипаж кои работат во Скопје, од 2023 се оданочуваат двојно, односно персонален данок на доход плаќаат и во Унгарија и во Македонија. Поради двојното оданочување, данокот во Македонија треба да им биде вратен ако компанијата доставила пресметки и барање до Управата за јавни приходи (УЈП).
Според информации на САКАМДАКАЖАМ.МК, пресметките за вработените од 2023 и 2024 година се доставени до Управата за јавни приходи, но до денеска парите на вработените не им се исплатени ниту се знае кога ќе има исплата. Вработените треба да добијат поврат на данок и за 2025, но пресметките за минатата година уште не се направени и доставени до УЈП.
Од Управата за јавни приходи не добивме одговор на нашите прашања зошто се доцни со враќање на данок на вработените во „Визер“, дали има некаков проблем, а ако нема кога ќе биде исплатата. Прашањата ги доставивме уште пред еден месец.
Во базата на „Визер“ во Скопје има околу 200 вработени. Кабинскиот екипаж е целосно со македонски државјани, додека пилотите се од различни земји. На кабинскиот екипаж за една година треба да им се врати данок во висина од 1.000 до 2.000 евра, додека за пилотите, кои имаат значително повисоки плати, сумата е најмалку двојно поголема.
Унгарската нискобуџетна компанија „Визер“ ја отвори базата во Скопје во 2012 година. По отварање на базата беа воведени шест авиолинии и тоа од Скопје до Дортмунд, Базел, Милано, Малме, Ајндховен и Минхен. Од 2011, од Скопје со „Визер“ се леташе до Лондон и Венеција. За овие летови тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ воведе субвенции за „Визер“ со цел, како што рече, да се стимулира отворање повеќе авиолинии од Скопскиот аеродром и аеродромот во Охрид. Оттогаш постојано се субвенционираат летови претежно на „Визер“. Прекин имаше за време на пандемијата со ковид-19 и потоа извесен период не беа распишани огласи за доделување субвенции.
Во моментов, во базата на „Визер“ во Скопје има шест авиони од типот „ербас А321“ со 230 седишта што ги опслужува седумчлен екипаж – два пилота и петмина кабински персонал. Со последните два огласи за субвенционирање авиолинии беа воведени летови со у„Визер“ до Барселона, Лион, Бари, Мадрид, Штутгарт, Прага и Ларнака, а од април ќе се лета до Неапол и се враќа линијата до Будимпешта.



