ДВЕ ГОДИНИ ОДВОЈУВАВМЕ ОДРЕДЕНИ СРЕДСТВА СО ГОСПОЃАТА ЗА ДА ПОЧНЕ БОКИ 13 ДА КУПУВА ОПРЕМА ЗА ТЕЛЕВИЗИЈАТА, СВЕДОЧИ СОПРУГОТ НА МАРИНА ТУЦАКОВИЌ НА „РЕКЕТ“

    ДВЕ ГОДИНИ ОДВОЈУВАВМЕ ОДРЕДЕНИ СРЕДСТВА СО ГОСПОЃАТА ЗА ДА ПОЧНЕ БОКИ 13 ДА КУПУВА ОПРЕМА ЗА ТЕЛЕВИЗИЈАТА, СВЕДОЧИ СОПРУГОТ НА МАРИНА ТУЦАКОВИЌ НА „РЕКЕТ“Раскажувајќи за силното пријателство, Александар Радуловиќ кажа дека недела дена пред да патува Бојан Јовановски на модна ревија во Милано, февруари 2019 година, на вечера во нивниот дом во Белград, му дал пари да купи и цитостатици од Италија за неговата сопруга Марина Туцаковиќ. (Фото: К. Попов)

    Александар Радуловиќ од Белград, музички продуцент и композитор, сопруг на познатата текстопистка Марина Туцаковиќ, сведочеше на предлог на првообвинетиот во „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13.

    Рече дека е повеќегодишен пријател на семејството Јовановски.

    „Пред неколку години, Бојан кажа дека ќе отвора телевизија и тоа мене и на сопругата ни беше интересно како би го прошириле нашиот музички опус кој трае 40 години. Сакавме да бидеме кофинансиери на таков проект“, сведочеше Радуловиќ.

    На прашање на адвокатот на Јовановски, сведокот кажа дека работел за Цеца Ражњатовиќ, Аца Лукас, Џеј Рамадановски, Лепа Брена, Здравко Чолиќ, Оливер Драгојевиќ, Драгана Мирковиќ и други.

    „Така, во текот на тие две години јас и мојата госпоѓа Марина одвојуваме одредени средства, да почне Бојан да купува опрема и други почетни потреби. Секако и приватно сум му давал кога требало, во име на тоа наше пријателство“, додаде сведокот.

    „Какво ви беше пријателството?“, прашуваше адвокатот.

    „Повеќе Бојан се дружеше со мојот помлад син. Патуваа заедно во Грција, Италија, без нас и со нас, родителите.“, одговори Радуловиќ.

    „Дали за позајмиците потпишувавте договори?“, праша адвокатот.

    „За професионалните да, за приватните позајмици нормално дека не сме го правеле тоа“, одговори сведокот.

    Потоа, раскажувајќи за силното пријателство, Радуловиќ кажа дека недела дена пред да патува Јовановски на модна ревија во Милано, февруари 2019 година, на вечера во нивниот дом во Белград, му дал пари да купи и цитостатици од Италија за неговата сопруга, кои биле многу скапи и не можеле да се набават во регионот.

    „Лековите беа нарачани, требаше Бојан да ги плати и да ги донесе. Мојата госпоѓа му нарача и гардероба, зашто тежината од болеста и беше преполовена, и требаше нова облека“, зборуваше сведокот на Боки.

    Потоа продолжи:

    „Само лековите чинеа 12.000 евра месечно. Ние нарачавме за 6-7 месеци, му дадовме 150.000 евра, не смеевме терапијата да ја прекинуваме. А за гардеробата не знам, тоа знаат тој и мојата сопруга. И за неа му дадовме голема сума. Парите Бојан му ги даде на возачот Тони“.

    „Дали се легални парите што му ги дадовте на вечерата на Јовановски?“, беше прашан сведокот.

    „Да, тоа се легално заработени, наши пари, со платени даноци“, рече продуцентот.

    Според обвинението, Јовановски, откако зел пари од осомничениот во случајот Империја Орце Камчев, заминал за Милано, каде ги трошел за скапа брендирана гардероба, која моментално е запленета како доказ за перење на изрекетирани пари.

    Обвинителката Вилма Русковска го ислуша сведокот Александар Радуловиќ, сопруг на српската текстопистка Марина Туцаковиќ, како му давал илјадници евра на обвинетиот Бојан Јовановски и му постави само едно прашање:

    „Имате доказ дека сте му дале пари на Јовановски за телевизијата?“, го праша таа.

    „Немам“, одговори тој.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира