ДВЕ ТРЕТИНИ ОД ВРАБОТЕНИТЕ ШТО РАБОТАТ ЗА МИНИМАЛЕЦ ЗЕМААТ И ПЛАТА ВО ПЛИКО

    ДВЕ ТРЕТИНИ ОД ВРАБОТЕНИТЕ ШТО РАБОТАТ ЗА МИНИМАЛЕЦ ЗЕМААТ И ПЛАТА ВО ПЛИКОПлатата во плико е најзастапена кај работниците во градежништвото или мајсторите со 28 отсто и таа изнесува скоро половина од нивната формална плата. (Фото:архивска фотографија)

    Две третини од работниците што земаат минимална плата, покрај формалната плата на сметка добиваат и плата во плико. Според публикацијата „Квалитет на животот во Македонија“ на невладината „Фајненс тинк“, дури 62 отсто од работниците осигурани на минимална плата добиваат плата во плико.

    „Во просек, платата во плико изнесува скоро исто колку и формалната плата на сметка во 91 отсто од случаите. Ова укажува дека постојат сектори и занимања на кои постои тенденција договорот за вработување да се склучи на минималната плата, со истовремен неформален договор, остатокот од платата да се добива во готовина. За формални плати над минималната плата, процентот на приматели на плата во плико драстично се намалува“, стои во публикацијата „Квалитет на животот во Македонија“.

    Од „Фајненс тинк“ велат дека публикацијата е ад-хок и се темели на анкетни и административни податоци. Според неа 17,8 отсто од работниците во земјава кои имаат формален договор за вработување, годинава примиле и плата во плико.
    Плата во плико е плата исплатена во готовина врз основа на неформален устен договор помеѓу работникот и работодавецот, кој истовремено е незаконски.
    „Со ‘платата во плико’, работодавците заштедуваат во износот на даноци и социјални придонеси што го плаќаат на државата. За работниците, ова е начин на неправедно плаќање и намалување на обемот на нивното социјално, здравствено и пензиско осигурување, како и вештачко намалување на кредитната способност“, стои во публикацијата на „Фајненс тинк’

    Платата во плико според оваа публикација, најзастапена е кај мајсторите односно кај 23,2 отсто од вработените што замаат вакова плата, како што се мајсторите во метална, машинска, текстилна и прехранбена струка, како и кај 21,5 отсто од работниците во услужните дејности.

    „Таа плата е во просек една третина од нивната формална плата. Ваквиот наод е во линија со застапеноста на минималната плата кај овие занимања. Платата во плико е најзастапена кај работниците во градежништвото или мајсторите со 28 отсто и таа изнесува скоро половина од нивната формална плата. Потоа следуваат работници во услужните сектори. Работниците кои примаат плата во плико се најзастапени во Пелагонискиот регион, дури 42 отсто, а 30 отсто од работниците се од Југоисточниот и Скопскиот регион“, стои во студијата за квалитетот на животот во Македонија.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира