ЕДЕН МИЛИОН ГРАЃАНИ ПОПИШАНИ ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ

    ЕДЕН МИЛИОН ГРАЃАНИ ПОПИШАНИ ЗА ДВЕ НЕДЕЛИПописот почна на 5 септември, а ќе трае до крајот на месецов. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Еден милион граѓани се попишани за две недели откако почна пописот на населението, домаќинставата и становите. Како што соопштија од Државниот завод за статистика (ДЗС) до 15 часот денеска се попишани 1.000.034 лица.

    Од ДЗС велат дека попишувањето оди во најдобар ред и согласно планираниот интензитет.

    „Граѓаните кои имаат дилеми и нејаснотии во врска со процесот на попишување можат да се обратат во Бирото за попис и на телефонските броеви 070 335-406, 071 483-641, 071 483-293 и 075 402-335“, велат од ДЗС.

    Првиот попис по 20 години почна 5 септември и ќе трае до 30 септември, а директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски рече дека верува оти добиените податоци ќе ги објават најдоцна во јануари 2022, иако според Законот за Попис, Заводот има обврска да ги објави податоците 6 месеци по завршувањето на теренските активности. Пописот опфаќа попишување на лица, домаќинства и станови.

    Во секое домаќинство ќе влегува по 1 попишувач, нема да се најавуват по телефон, туку директно на врата. Носат црна брендирана маичка и легитимација. На почетокот на пописот Симовски до граѓаните да проверат дали попишувачот носи легитимација, и ако ја нема, да не го пуштат дома. Свесни сме, рече тој, дека има антикампања и провокатори кои ќе се обидат да го злоупотребат процесот.

    „Бидејќи попишувачот не е сезнајко и не може да ги знае сите јазици, домаќинот има право да побара попишувач кој го зборува неговиот јазик и ќе му биде обезбеден. Ако не најде никој дома, ќе дојде пак. За друго лице информации може да даваат само родители и старатели на деца до 18 години. Попишувачот ќе дојде онолку пати колку што треба во домот со цел да се соберат потребните информации“, кажа Симовски.

    Попишувачите, рече тој, во најголем дел се вакцинирани, но секој што инсистира да биде попишан од вакцинициран попишувач, ќе му биде обезбеден.

    Според податоците од последниот Попис во 2002 година, Македонија има 2.022.547 жители, што е за 3.9% повеќе во однос на Пописот од 1994 и 43.0% повеќе во однос на Пописот од 1948.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира