ЕДИНСТВЕН НАЧИН ДА ГО УПРОПАСТИМЕ ВЛЕЗОТ ВО НАТО И ВО ЕУ Е ДА ДИСКУТИРАМЕ ЗА ДРУГИ ТЕМИ, РЕЧЕ ШЕКЕРИНСКА НА ДЕБАТАТА ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ ВО ТЕТОВО

    ЕДИНСТВЕН НАЧИН ДА ГО УПРОПАСТИМЕ ВЛЕЗОТ ВО НАТО И ВО ЕУ Е ДА ДИСКУТИРАМЕ ЗА ДРУГИ ТЕМИ, РЕЧЕ ШЕКЕРИНСКА НА ДЕБАТАТА ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ ВО ТЕТОВОВицепремиерот за европски прашања Бујар Османи рече дека се очекува околу 9 или 10 јануари да се закаже собраниската седница на која ќе се гласаат уставните амандмани, а целата процедура треба да заврши до 15 јануари. (Фото: Зандон)

    На последната петта јавна дискусија за нацрт-амандманите на Уставот во Тетово беше речено дека со уставните промени треба да се направи еден траен компромис како со Грција, на надворешен план, така и на внатрешен план со опозицијата и со етничките заедници.

    Поголемиот дел од дискутантите ја поздравија одлуката Охридскиот договор да влезе во Преамбулата на Уставот.

    Барањата на албанската етничка заедница за редефинирање на меѓуетничките односи помеѓу Македонците и Албанците беше една од главните теми на дискутантите. Меѓу другото беше побарано со уставните промени во нацрт-амандманот 33 да се обрне повеќе внимание на правото на културно наследство на етничките заедници, а се побара и одредницата „20 отсто од населението кое зборува јазик различен од македонскиот“, наместо проценти да се замени со „албанскиот јазик“.

    Поранешниот градоначалник на Општина Гостивар Руфи Османи, рече дека овие уставни промени не можат да го решат внатрешниот меѓуетнички проблем во земјата па побара нивно проширување па дури и редефинирање на Македонија како „бинационална држава на македонскиот и албанскиот народ“ нешто слично во стилот на Швајцарија или Белгија.

    Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека целиот процес е почнат со цел да се реши проблемот кој ја блокираше Македонија за членство во НАТО и во ЕУ.

    „Единствен начин да го упропастиме тој процес е да почнеме да дискутираме за десет други теми. И ние во Владата имаме идеи како важни одредби од Уставот да се направат подобри, меѓутоа сега треба да се фокусираме на целта. Барајќи сè, лесно може сè и да изгубиме“, рече Шекеринска.

    Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи рече дека се очекува околу 9 или 10 јануари идната година да се закаже собраниската седница на која ќе се гласаат уставните амандмани, а целата процедура треба да заврши до 15 јануари.

    Петтата јавна дискусија за нацрт амандманите за измена на Уставот се одржа со студентите и професорите на Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово на која панелисти беа Радмила Шекеринска, заменик претседател на Владата и министер за одбрана, Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања и професорите Беса Арифи и Блерим Река.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира