ЕДНА ТРЕТИНА ОД АДОЛЕСЦЕНТИТЕ И ЕДНА ТРЕТИНА ОД ТРУДНИЦИТЕ ВО ЗЕМЈАВА СЕ ДЕПРЕСИВНИ, ВЕЛИ КЛИНИКАТА ЗА ПСИХИЈАТРИЈА

    ЕДНА ТРЕТИНА ОД АДОЛЕСЦЕНТИТЕ И ЕДНА ТРЕТИНА ОД ТРУДНИЦИТЕ ВО ЗЕМЈАВА СЕ ДЕПРЕСИВНИ, ВЕЛИ КЛИНИКАТА ЗА ПСИХИЈАТРИЈАПоследните податоци покажуваат дека депресијата станува една од главните растројства кои го инвалидизираат човекот, не само кај нас, туку и во светот. (Фото: К. Попов)

    Кај една третина од адолесцентите и кај една третина од бремените жени во земјава се јавуваат депресивност и анксиозност, покажаа испитувањата на Клиниката за психијатрија, рече денеска д-р Славица Арсова, професорка на Катедрата за психијатрија на Медицинскиот факултет, на одбележувањето на Светскиот ден на менталното здравје.

    „Последните податоци покажуваат дека депресијата станува една од главните растројства кои го инвалидизираат човекот, не само кај нас, туку и во светот. Не заостануваме и ние, тука би ги издвоила ранливите групи како деца, адослесценти, бремени жени и повозрасни индивидуи кои имаат некакви нарушувања, телесни или ментални. Бројките од истражаувања беа загрижувачки“, рече д-р Арсова.

    Д-р Стефанија Митровска од Клиниката за психијатрија додаде дека една третина од мајките во Македонија за време на бременоста и по породувањето страдаат од симптоми на депресија, додека кај 28 проценти од нив се регистрира анксиозност. Истражувањето на Клиниката е направено после ковид пандемијата.

    „Во истражувањето се покажа дека една третина од испитаничките покажуваат клинички релевантни симптоми на депресивност и уште толку се соочуваат со анксиозност. Важно е здравјето на мајката за здрав развој на детето. Ние имаме парола која вели: ‘Здрава мајка, здраво дете, здраво дете, здраво општество’“, рече д-р Митровска.

    Таа вели дека во последно време забележува оти очесто се говори на оваа тема во медиумите и социјалните мрежи, но треба и им се укаже на мајките и на тоа како можат да дојдат до помош.

    „Ретко кој знае како да побара помош. Ако некоја жена препознава кај себе потешкотии со психичкото здравје ја охрабруваме да се обрати кај матичниот лектр, за да ја упати кај специјалист за натамошна проценка. Исто ги повикуваме сите лекари кои се во контакт со родилки, да ги препознаваат знаците на нарушено психичко здравје и да ги прашаат жените како се чувствуваат. Важно е колетивно да ја градиме поддршката“, рече д-р Митровска.

    Психологот Лина Ќостарова-Унковска вчера ги цитираше наодите на меѓународната Студија „Однесувања поврзани со здравјето кај децата од училишна возраст“ во Македонија (ХБСЦМ) za 2022, кои покажуваат дека задоволството од животот кај децата од Македонија, опаѓа со возраста од 11 до 15 години, кај девојчињата многу побргу отколку кај момчињата.

    „Во последните осум години, или низ три истражувачки циклуси резултатите го покажуваат истиот тренд на меѓу-родови и меѓу-возрасни разлики, со високи сличности меѓу 2014 и 2022 година, или годините на политичка и социјална нестабилност и пост-ковид периодот. Тоа укажува на висока чувствителност на децата на општествените случувања и условите во кои живеат, независно дали се работи за социјална, политичка, или здравствена криза и несигурност на заедницата“, објави на својот фејсбук профил Ќостарова-Унковска од Центар за психосоцијална и кризна акција – Малинска (ЦПКА).

    Во чест на Светскиот ден на менталното здравје, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, денеска на настан за промоција за прирачник за третман на деца со дијабетес, кажа дека од петок, 13 октомври, ќе почне каммпања за менталното здравје која ќе има за цел да пренесе пораки за подигање на свеста за булингот односни врсничкото насилство.

    „В петок почнуваме од Валандово и Струмица заедно со амбасадори, со поддршка на УНИЦЕФ, со извидници со млади, токму од младите за младите да ја подигнеме свеста за врсничкото насилство, за превенција, и за препознавање на насилството. Општина Центар започна веќе со активности. Исто така и други општини започнуваат со активности во училиштата. Министерството за образование ги користи стручните тимови од центрите како поддршка на стручните тимови и училиштата, и верувам дека една од приоритетите во наредниот период, ќе биде токму врсничкото насилство, да ги заштитиме децата“, кажа министерката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира