В. д. организациската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази го зголеми долгот на инстутуцијата, не доаѓа на работа и не потпишува клучни документи, се дел од проблемите за кои преку писмо до медиумите денеска реагираа вработени од оваа Клиника.
Иљази беше назначена на 14 февруари, на ден пред формирање техничка влада, а вработените реагираат дека била поставена иако не ги исполнува условите пропишани со закон за директори, и оттогаш се случува дезорганизација, а не организација.
„Поточно, од нејзиното назначување за помалку од два месеца долгот на клиниката го зголеми за приближно два милиона денари, со дневно работно време од 4 часа и 30 минути, поточно на работа доаѓа во 10 часот, а работното време ѝ завршува во 14:30. Исто така, клиниката нема спроведено постапка за осигурување на имот, осигурување на скапата медицинска опрема и осигурување од лекарска грешка, бидејќи в. д. директорката не сака да потпише затоа што не е прифатен нејзиниот брокер за осигурување и моментално Клиниката два месеца не е осигурана иако за тоа сме со закон обврзани. Поради одбивање да потпише согласност за договор на дело за двајца дипломирани биолози, токсиколошката лабораторија веќе два месеца не врши валидација на издадените резултати“, се вели во писмото.
На 18 март, МКД.МК објави дека новоназначената економската директорка на Клиниката за токсикологија Иљази не знае македонски јазик, па кога мора да соработува со колегите, преведувачи ѝ се двете секретарки вработени во оваа клиника.
САКАМДАКАЖАМ.МК денеска ја праша секретарката на Иљази за коментар на обвинувањата, но таа ни рече да ја побараме утре за да види дали в. д. директорката ќе даде изјава.
Како што неофицијално дознаваме од извори на Клиниката, медицинскиот директор, д-р Данил Петровски трпи големи притисоци од министерот за здравство Илир Демири да потпише вработување на 18 лица на кои им истекле договорите на дело на 31.12.2023. Директорот одбивал да потпише, согласно насоките од Министерството за финансии, дека Македонија е во изборен период и дека треба да се почитуваат забраните утврдени во член 8-а и 8-б од Изборниот законик и член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Сите спроведени или неспроведени активности за време на предизборниот период се одговорност на одговорните лица во соодветните институции.
Исто така, неофицијално дознаваме дека за утре (22 април) министерот за здравство Демири најавил дека ќе ја посети Клиниката и ги викнал да дојдат сите вработени со договор на дело, а исто така, независно од него, се подготвува и прес-конференција на вработените од Токсикологија.
Б. НЕСТОРОСКА