ЕКСАМБАСАДОРКА НА ФЕЈСБУК ТЕШКО НАВРЕДИЛА И ВОЗНЕМИРИЛА ЕТНИЧКО МАЛЦИНСТВО, КОМИСИЈАТА ЗА АНТИДИСКРИМИНАЦИЈА БАРА ДА СЕ ИЗВИНИ И ДА ЈА ИЗБРИШЕ ОБЈАВАТА

    ЕКСАМБАСАДОРКА НА ФЕЈСБУК ТЕШКО НАВРЕДИЛА И ВОЗНЕМИРИЛА ЕТНИЧКО МАЛЦИНСТВО, КОМИСИЈАТА ЗА АНТИДИСКРИМИНАЦИЈА БАРА ДА СЕ ИЗВИНИ И ДА ЈА ИЗБРИШЕ ОБЈАВАТАКога Комисијата ѝ ги испратила претставката од загрижениот граѓанин и материјалот, поранешната амбасадорка, членка на ВМРО-ДПМНЕ, воопшто не ги подигнала од пошта. (Фото: СДК.МК)

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдила вознемирување врз основа на етничка припадност, извршено од поранешна македонска амбасадорка врз припадниците на малцинска етничка заедница  во Македонија, во областа јавно информирање и медиуми. Текстот полн со погрдни зборови, омаловажување, конспирација, фантазии и повик за линч на етничкото малцинство, таа го објавила на фејсбук-профилот во јануари годинава. Граѓанин веднаш ја пријавил во Комисијата за антидискриминација.

    Ексамбасадорката која беше на висока позиција и во ВМРО-ДПМНЕ уште во првата реченица во објавениот текст изнесува досега нечуена квалификација за наводно разнебитување на државата од тоа етничко малцинство. Прашува дали тие биле лојални граѓани на Македонија. Пишувајќи за идентитетот, таа измислува дека контаминирале со тврдења оти биле правите наследници на древните Македонци. Таа вели и дека македонската нација била саботирана од нив, а исто така и владата, судството, администрацијата, политичката елита.

    Кога Комисијата ѝ ги испратила претставката од загрижениот граѓанин и материјалот, таа воопшто не ги подигнала од пошта.

    „Вознемирување, согласно член 10 од Законот за спречување и заштита од дискриминација е секое несакано постапување кон лице или група лица врз дискриминаторска основа, што има за цел или последица повреда на достоинството или создавање заканувачка или непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика“, го цитира Комисијата членот што го прекршила ексамбасадорката со нејзината параноична објава на Фејсбук.

    Во продолжение, КСЗД аргументира и дека пријавената со написот предизвикала презир кон малцинската етничка заедница во Македонија и додава дека ваков наратив е неприфатлив во едно демократско општество.

    КСЗД на 20 април го доставила ова мислење до пријавената и од неа побарала: веднаш да ја избрише оваа вознемирувачка фејсбук-објава и за тоа да ја извести Комисијата во рок од 30 дена, потоа преку фејсбук-профилот да им се извини јавно на припадниците на малцинската етничка заедница, и трето, во иднина да се воздржи од вакви објави во кој било медиум и во кој било формат, односно објавите да ги формулира на начин што нема повеќе никого да вознемири врз база на етничка припадност.

    Ексамбасадорката првите две препораки треба да ги спроведе до 20 мај.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира