Поранешниот директор на АД ЕЛЕМ Дејан Бошковски, сопруг на поранешниот заменик министер за правда од ВМРО-ДПМНЕ Билјана Бришковска, денеска одговара пред Основниот суд Скопје 1 во предметот на СЈО „Тарифа” за злоупотреба на 4,5 милиони евра на ЕЛЕМ. Судењето го води судијката Верка Петковска.
Бошковски и уште двајца директори во компанијата СЈО ги обвини дека злоупотребиле 3.700.000 евра од незаконски тендер со некомплетна документација за набавка на софтвер за ЕЛЕМ. Не само што тендерот го добила компанија со неисправна документација, туку скапиот софтвер и никогаш не бил имплементиран, т.е. ставен во функција, пишува во обвинението на СЈО.
Обвинетите за никогаш непоставениот софтвер, потрошиле уште 456.560 евра за негово одржување и уште 16.800 евра за сертификат за употреба на модулот, кој и денеска не е функционален.
Обвинителот Трајче Пеливанов во воведни зборови денеска рече дека кривичното дело за проневерени над 4,5 милиони евра државни пари, СЈО ќе го докаже.
Бошковски кажа во моментов е на функција член на Регулаторната комисија за енергетика. Неговата сопруга е обвинета во случајот Титаник за изборни нерегуларности. И двајцата од летоска се без пасоши, како мерка да не избегаат од Македонија.
С. К. ДЕЛЕВСКА
ЕКСДИРЕКТОРОТ НА ЕЛЕМ ДЕЈАН БОШКОВСКИ, СЕДНА НА ОБВИНИТЕЛНО СТОЛЧЕ ЗА ПРОНЕВЕРА НА 4,5 МИЛИОНИ ЕВРА
19 декември 2017
Скопје, (САКАМДАКАЖАМ.МК)