Владата на денешната седница ги усвои имињата на новите заменик-министри и предлозите ги достави до Собранието каде треба да се изгласаат на собраниска седница. Нов заменик-министер за економија ќе биде ексградоначалникот на Прил Марјан Ристески, а за надворешни работи и трговија Зоран Димитровски од Демократски сојуз, кој во владата на СДСМ беше заменик-министер за локална самоуправа. Пратеничката Ане Лашкоска ќе биде заменичка на министерот за животна средина и просторно планирање. За заменик-министер во Министерството за одбрана се предлага Елфет Исмаили. Исмаили е дипломиран економист, а во Министерството за внатрешни работи се предлага Астрит Исеини, кој завршил на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, а се стекнал и со титулата доктор на науки по Кинезиологија, вонреден професор.
За заменик-министер во Министерството за правда се предлага Ален Деребан. Деребан е магистер по право од областа на меѓународно право и меѓународни односи, со завршен правосуден испит. За заменик-министер во Министерството за односи со заедници се предлага Неждeт Мустафа. Мустафа е дипломиран професор по филозофија.
За заменик-министер во Министерството за европски прашања се предлага Викторија Трајков, а во Министерството за финансии се предлага Николче Јанкуловски. Јанкуловски е доктор на економски науки, а во моментот е редовен професор на Катедрата за агроекономија на Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола. Заменик на министерот во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе биде Мирослав Лабудовиќ, а во Министерството за земјоделство Флакрон Беџети. Беџети е професор по политички науки на Универзитет Мајка Тереза Скопје.
Заменик на министерот за здравство ќе биде Јовица Андовски. Андовски е дипломиран економист, кој од 2011 до 2017 година бил заменик министер за здравство. За заменик на министер за образование и наука се предлага Лулзим Алиу. Заменик на министерот во Министерството за социјална политика, демографија и млади се предлага Ѓоко Велковски кој беше министер во техничката влада. За заменик-министер во Министерството за локална самоуправа се предлага Ерџан Селими, додека за култура и туризам е предложен Седат Сулејмани.
За заменик-министер за дигитална трансформација е предложен Радослав Настасијевиќ Варџиски. За заменик на министерот кој ќе раководи со Министерството за јавна администрација се предлага Лазе Јаќимоски. Во Министерството за транспорт заменичка-министер ќе биде Калтрина Зеколи Шаќири, а во Министерството за спорт се предлага Сафије Садики Шаини.