ЕКСМИНИСТЕРОТ ЗА КУЛТУРА ХУСНИ ИСМАИЛИ ДОБИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ОД ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА ОТИ ГО ОШТЕТИЛ БУЏЕТОТ ЗА 515.000 ЕВРА

    ЕКСМИНИСТЕРОТ ЗА КУЛТУРА ХУСНИ ИСМАИЛИ ДОБИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ОД ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА ОТИ ГО ОШТЕТИЛ БУЏЕТОТ ЗА 515.000 ЕВРАИсмаили беше министер за култура од 27 јуни 2019 до 30 август 2020. (Фото: Влада на РСМ)

    Поранешниот министер за култура Хусни Исмаили доби кривична пријава од Управата за финансиска полиција, поради несовесно работење во службата, поради договори и анекс-договори склучени на 24 јули 2020, а во врска со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес. Исмаили беше министер за култура од 27 јуни 2019 до 30 август 2020.

    Управата денеска соопшти дека до Основното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело Несовесно работење во службата од член 353-в ст.1 и ст.2 од Кривичниот законик.

    „Пријавениот Х. И. во својство на службено лице – министер во Министерството за култура, ја злоупотребил својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност на начин што во периодот од 27.06.2019 до 30.08.2020 година, на ден 24.07.2020 година, несовесно постапил на начин што потпишал решенија и склучил договори со правни и физички лица за финансирање на проекти во вкупен износ од 31.824.000 денари, иако бил свесен дека со извршениот ребаланс на буџетот од страна на Владата на Р.С.Македонија објавен во Службен весник бр.126 од 15.05.2020 година, недостасуваат финансиски средства за веќе преземените тековни обврски во однос на годишните конкурси за финансирање на проекти. Со горенаведените дејствија, пријавениот Х. И. предизвикал штета на Буџетот на министерство за култура по основ потпишани решенија и склучени договори во износ од  515 илјади евра (31.824.000 денари)“, соопшти Управата за финансиска полиција.

    Во декември 2021, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) соопшти дека до Основното јавно обвинителство (ОЈО) е поднесена инцијативата за понатамошно постапување за поведување постапка за кривично гонење против поранешен министер за култура. Постапката беше поднесена поради сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс-договори склучени на 24 јули 2020, а во врска со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.

    Според тогашниот член на Антикорупциска Владимир Георгиев, Исмаили постапувал спротивно на Законот за буџети и Законот за извршување буџети за 2020 година со тоа што во постизборен период потпишал околу 100 договори и анекс-договори и со тоа создал обврски за Буџетот за 2020 година на Министерството за култура од над 33 милиони денари.

    „Со Законот за буџети се предвидува дека буџетските корисници не смеат да преземаат обврски кои пристигнуваат во тековната година или се направат расходи над одобрените средства од буџетот. Со член 4 од Законот за извршување на буџетот за 2020 година се наведува дека буџетските корисници и единки не смеат да преземаат обврски или да направат расходи над лимитот над одобрените средства од Буџетот. Според член 37а за извршување на буџетот на буџетскиот корисник е одговорен раководителот на буџетскиот корисник. Врз основа на ова прекршување, ние ја подготвивме иницијативата и веќе е доставена до ОЈО за понатамошно постапување“, изјави Георгиев.

    Министерството за култура го доставило предметот до ДКСК, по заклучок на седница на Влада одржана на 18 мај 2021. Министерството побарало да се изврши контрола на работењето во делот на законската основаност на договорите и анекс договорите склучени на 27 јуни 2020, имајќи предвид, како што рече Георгиев на 16 ноември, биле склучени во постизборен период по одржани парламентарни избори во услови кога не е формирана новата Влада и во услови кога со ребаланс на буџетот на Министерството му биле намалени финансиски средства за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.

    „По разгледување на целокупната документација може да се констатира дека во текот на февруари 2020 година од страна на стручните комисии формирани во Министерството за култура, биле донесени решенија со кои се одобрени средства за финансирање на овие три програми во висина од околу 196 милиони денари или над 3 милиони и 100 илјади евра за 684 проекти. Имајќи предвид дека за 2020 за сите програми биле предвидени вкупно 159 милиони денари, но и обврските што Министерството ги имало преземено во 2019 година во износ од 23 милиони денари, произлегува дека оваа институција имала на располагање само 136 милиони денари за да ги финансира овие 3 програми“, рече Георгиев.

    Ова значи, вели тој, дека уште во февруари 2020 кога биле склучени овие 684 проекти биле преземени обврски во висина од над 60 милиони денари над буџетски обезбедените средства за 2020 година.

    „Но, и покрај тоа знаејќи дека Министерството за култура за намената нема доволно средства, а треба да се има предвид дека и со ребалансот од 15 мај 2020 година поради рестрикциите заради ковид-19, буџетот на Министерството е дополнително намален одговорното лице дополнително потпишало 100 решенија, договори и анекс-договори на 24 јули 2020 година со што презело нови обврски во износ од 33 милиони денари“, рече Георгиев во 2021.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира