ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО Е ПОДНЕСЕНА ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА КРИВИЧНО ГОНЕЊЕ ПРОТИВ ХУСНИ ИСМАИЛИ, ВЕЛИ АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА

    ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО Е ПОДНЕСЕНА ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА КРИВИЧНО ГОНЕЊЕ ПРОТИВ ХУСНИ ИСМАИЛИ, ВЕЛИ АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈАНовиот коалиционен партнер во Владата, Алтернатива, во саботата најави дека ексминистерот за култура Исмаили ќе биде предложен за потпретседател на Собранието. (Фото: Влада на РСМ)

    До Основното јавно обвинителство (ОЈО) веќе е поднесена инцијативата за понатамошно постапување за поведување постапка за кривично гонење против поранешен министер за култура кој оваа функција ја извршувал од 27 јуни 2019 до 30 август 2020, соопшти денеска Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

    Постапката е поднесена поради сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс-договори склучени на 24 јули 2020, а во врска со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.

    Станува збор за проекти од Годишната програма за проекти од јавен интерес во културата која беше донесена во мандатот на претходниот министер за култура Хусни Исмаили. Ирена Стефоска е министерка за култура од 31 август 2019.

    Антикорупциска оваа иницијатива ја најави на 16 ноември. Новиот коалиционен партнер во Владата, Алтернатива, во саботата најави дека Исмаили ќе биде предложен за потпретседател на Собранието.

    Според членот на Антикорупциска Владимир Георгиев, министерот постапувал спротивно на Законот за буџети и Законот за извршување буџети за 2020 година со тоа што во постизборен период потпишал околу 100 договори и анекс-договори и со тоа создал обврски за Буџетот за 2020 година на Министерството за култура од над 33 милиони денари.

    „Со Законот за буџети се предвидува дека буџетските корисници не смеат да преземаат обврски кои пристигнуваат во тековната година или се направат расходи над одобрените средства од буџетот. Со член 4 од Законот за извршување на буџетот за 2020 година се наведува дека буџетските корисници и единки не смеат да преземаат обврски или да направат расходи над лимитот над одобрените средства од Буџетот. Според член 37а за извршување на буџетот на буџетскиот корисник е одговорен раководителот на буџетскиот корисник. Врз основа на ова прекршување, ние ја подготвивме иницијативата и веќе е доставена до ОЈО за понатамошно постапување“, изјави Георгиев.

    Министерството за култура го доставило предметот до ДКСК, по заклучок на седница на Влада одржана на 18 мај годинава. Министерството побарало да се изврши контрола на работењето во делот на законската основаност на договорите и анекс договорите склучени на 27 јуни 2020, имајќи предвид, како што рече Георгиев на 16 ноември, биле склучени во постизборен период по одржани парламентарни избори во услови кога не е формирана новата Влада и во услови кога со ребаланс на буџетот на Министерството му биле намалени финансиски средства за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.

    „По разгледување на целокупната документација може да се констатира дека во текот на февруари 2020 година од страна на стручните комисии формирани во Министерството за култура, биле донесени решенија со кои се одобрени средства за финансирање на овие три програми во висина од околу 196 милиони денари или над 3 милиони и 100 илјади евра за 684 проекти. Имајќи предвид дека за 2020 за сите програми биле предвидени вкупно 159 милиони денари, но и обврските што Министерството ги имало преземено во 2019 година во износ од 23 милиони денари, произлегува дека оваа институција имала на располагање само 136 милиони денари за да ги финансира овие 3 програми“, рече Георгиев.

    Ова значи, вели тој, дека уште во февруари 2020 кога биле склучени овие 684 проекти биле преземени обврски во висина од над 60 милиони денари над буџетски обезбедените средства за 2020 година.

    „Но, и покрај тоа знаејќи дека Министерството за култура за намената нема доволно средства, а треба да се има предвид дека и со ребалансот од 15 мај 2020 година поради рестрикциите заради ковид-19, буџетот на Министерството е дополнително намален одговорното лице дополнително потпишало 100 решенија, договори и анекс-договори на 24 јули 2020 година со што презело нови обврски во износ од 33 милиони денари“, рече Георгиев.

    Сите овие дополнителни договори склучени непосредно по завршување на изборите, како што нагласи, се однесуваат по жалби на апликанти кои или не добиле средства или добиле помалку па со нови договори или решенија добиле други средства.

    Според претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, сите овие сознанија упатуваат дека раководното лице во Министерството за култура си преземало обврски надвор од расположливите средства со Буџетот, што, како што нагласи е забрането и казниво.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира