Поранешниот министер за правда Билен Саљији е избран за заменик-генерален директор и за член на Управниот одбор на МЕПСО, потврдија од компанијата за МЕТА.
Саљији беше министер за правда од јуни 2017 до 20 март годинава, кога си поднесе оставка поради одлуката во случајот со малиот Алмир, иако се појавија информации дека неговото име беше прво на списокот на премиерот Зоран Заев при реконструкцијата на Владата.
Саљији поднесе оставка поради преквалификацијата на обвинението од Јавното обвинителство за смртта на малиот Алмир од Куманово. 4-годишниот Алмир во јуни 2016 беше прегазен пред Здравствениот дом Куманово, по банална расправија на неговите родители и обвинетиот Бобан Илиќ, кој во март беше пуштен од притвор. Јавното обвинителство го преквалификуваше делото од убиство со умисла во сообраќајна несреќа со смртни последици.
На прес-конференција во Владата, Саљији рече дека кога станал министер бил убеден оти правосудството треба да се изгради во демократско општество, односно дека ја поддржува политиката на Владата за едно општество за сите.
„Но, довербата е разнишаната во правосудството. Затоа, поради преквалификување на обвинението за Алмир од морални причини поднесувам оставка“, рече Саљији.
Во периодот од 2011 до 2017 година Саљији бил директор на Државниот инспекторат за шумарство и ловство, има положено правосуден и нотарски испит. Од 2009 до 2011 бил директор во ЈКП „Врапчиште“, Општина Врапчиште, а од 2005 до 2009 бил советник за односи со јавноста во Општина Врапчиште.