Министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Садула Дураки од ДУИ е назначен за вицепремиер во Владата на Зоран Заев. Одлуката за унапредување на Дураки беше донесена на вчерашната седница на Владата. Тој доаѓа на местото на разрешениот сопартиец Хазби Лика, кој беше министер без ресор и вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор и политички систем.
До реконструкцијата на Владата на крајот од минатиот месец, Дураки беше министер за животна средина и во оставката до премиерот Зоран Заев се пофали дека многу мали и големи проекти спроведени од страна на министерството, во време на неговото раководење со истото, ќе остават траен позитивен белег во зачувување и унапредување на животната средина.
- НЕ САКАМ ДА СЕ ФАЛАМ, АМА ОСТАВАМ ТРАЕН БЕЛЕГ ВО УНАПРЕДУВАЊЕТО НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, ПИША САДУЛА ДУРАКИ ВО ОСТАВКАТА ДО ЗОРАН ЗАЕВ
- САДУЛА ДУРАКИ ИМА ПОЗНАВАЊА ОД ИНТЕРНЕТ ЕКСПЛОРЕР, ПИШУВА ВО ПРЕДЛОГОТ ДО СОБРАНИЕТО ЗА ИДНИОТ МИНИСТЕР ЗА ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМ
Во предлогот на Заев до Собранието со новите министри, во кусата биографија на Дураки беше наведено има познавања од Интернет експлорер и Мајкрософт офис. На 27 јуни, во Собранието беше избран за министер во новоформираното Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
Вицепремиери во Владата на Заев се уште министерката за одбрана Радмила Шекеринска, Кочо Анѓушев, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, и Бујар Османи, задолжен за европски прашања.