САДУЛА ДУРАКИ ИМА ПОЗНАВАЊА ОД ИНТЕРНЕТ ЕКСПЛОРЕР, ПИШУВА ВО ПРЕДЛОГОТ ДО СОБРАНИЕТО ЗА ИДНИОТ МИНИСТЕР ЗА ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМ

    САДУЛА ДУРАКИ ИМА ПОЗНАВАЊА ОД ИНТЕРНЕТ ЕКСПЛОРЕР, ПИШУВА ВО ПРЕДЛОГОТ ДО СОБРАНИЕТО ЗА ИДНИОТ МИНИСТЕР ЗА ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМСадула Дураки, актуелен министер за животна средина, е предлог на премиерот Зоран Заев да го предводи новото министерство за политички систем. (Фото: Влада на РСМ)

    Министерот за животна средина, Садула Дураки од ДУИ, кој е предложен за нов министер за политички систем, има познавања од Интернет експлорер и Мајкрософт офис, според неговата куса биографија, доставена вчера до Собранието. Од други способности, навел: солидни менаџмент особини, работа во група, работа под стрес и комуникативност.

    Предлогот за нов министер за култура, Хусни Исмаили од Алтернатива, е професор на Медицинскиот факулттет на Универзитетот во Тетово. Во неговата биографија, покрај школувањето и работното искуство од медицината, наведени се неговите искуства од културата. Под културни активности, во неговата биографија се вели дека бил уредник на книги, организатор на првиот Саем на книгата на приватните албански издавачки куќи, уредник во областа на радиодрами, уредник во изготвувањето на 90 радиоемисии од областа на културата, уредник и раководител на 80 телевизиски документарни програми на албански јазик во Северна Македонија и пошироко, еден од основачите на културно-хуманитарната организација Мерхамет, еден од основачите и член на Управниот одбор на Издавачката куќа „Логос А“ и учесник во бројни активности од областа на културата во РСМ.

    Насер Нуредини, кој е номиниран од ДУИ за нов министер за животна средина, но не е член на партијата, е советник за диверзификација на инвестиции и развој на проекти во компанијата „ГЕГГ Адвајзори де Нуредини“ од Виена, Австрија. Има работно искуство и во Лондон како инвестициски банкар во „Ај-Ен-Џи“ и „Уникредит“.

    Собраниската седница за избор на новите министри е закажана за в среда.

    М.ИЛИОСКИ

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари