ЕЛЕМ ГО РАСКИНА ДОГОВОРОТ СО ТРАНСМЕТ ЗА ИСКОП НА ЈАГЛЕН ВО РЕК БИТОЛА

    ЕЛЕМ ГО РАСКИНА ДОГОВОРОТ СО ТРАНСМЕТ ЗА ИСКОП НА ЈАГЛЕН ВО РЕК БИТОЛААД ЕЛЕМ ќе распише нов тендер за избор на фирма која ќе ископува јаглен, а додека тоа заврши со итна постапка ќе обезбеди фирми кои ќе работат на ископот (Фото: СДК.МК)

    Компанијата ТРАНСМЕТ се откажа од договорот за ископ на јаглен во РЕК Битола, соопшти Електрани на Македонија (ЕЛЕМ).

    „Правното лице ТРАНСМЕТ не извести дека се повлекува од претходно добиениот тендер поради неможност да ги исполни обврските за ископ според утврдената динамика. Од денеска договорот со ТРАНСМЕТ е раскинат и ќе ги преземеме сите правни дејствија, кои нѝ стојат на располагање согласно договорот и согласно законите, за да ја намалиме штетата која нѝ е причинета од несовесното работење на ТРАНСМЕТ, а со тоа да ја намалиме и штета врз јавниот интерес“, велат од АД ЕЛЕМ.

    Електрани на Македонија информираше дека ќе ја наплати банкарската гаранција од 300.000 евра.
    „Банкарската гаранција може да ја активираме по неколку основи од договорот, кои ТРАНСМЕТ ги прекрши. Ќе испратиме известување до Бирото за јавни набавки за активирање на банкарската гаранција, по што следува издавање негативна референца од страна на бирото, со што ова правно лице ќе биде спречено да учествува на државни тендери во траење од една година и ќе биде оневозможено да нанесе евентуална штета врз други државни фирми и институции“, велат од АД ЕЛЕМ.

    Според АД ЕЛЕМ изминатите три месеци, колку што важи договорот, ТРАНСМЕТ не ги испорачувал договорените количини јаглен за ниту еден месец, ниту ги надоместил во следниот месец, како што дополнително се обврзал.

    „Во вториот и третиот месец испорачуваше јаглен со недоволна калориска вредност. Подолг период имаше застој во работата поради штрајк на работниците на ова правно лице, кои во последните 20 дена целосно го запреа ископот. Сакаме да нагласиме дека АД ЕЛЕМ во договорот имаше наведено и дека ТРАНСМЕТ како договорна страна е потребно редовно да исплатува плати за своите вработени и дека нивното неисплатување може да биде една од основите за раскинување на договорот“, велат од АД ЕЛЕМ.

    По раскинување на овој договор Електрани на Македонија ѝ понудиле на второрангирана фирма на тендерот да склучи договор и да го преземе ископот на јаглен, но таа одбила.
    „Поради тоа ќе распишеме нов тендер за избор на надворешна фирма за ископ на јаглен во РЕК Битола, односно во рудникот Брод-Гнеотино. Во меѓувреме додека да се реализира новиот тендер, ископот на јаглен ќе се покрие со итна постапка, односно ќе бидат повикани неколку фирми кои имаат работено на ископ и транспорт на јаглен и јаловина, од кои ќе се избере најповолна понуда и ќе се склучи спогодба за времено вршење ископ во следните три месеци, односно до конечниот избор на фирма“, велат од АД ЕЛЕМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира