Државната компанија Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) ќе испитува дали нивниот вработен Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев, кој за време на изборната кампања пред парламентарните избори на 11 декември 2016 година, регистрираше портали во Хрватска и Србија од кои се ширеа лажни вести против лидерот на СДСМ Зоран Заев, го злоупотребил работното место, работното време и службените ресурси.
„Во врска со случајот на лицето вработено во АД ЕСМ кое според информациите добиени од средствата за јавно информирање, е креатор на интернет портали во странство преку кои се ширеле наменски лажни вести, АД ЕСМ ја информира јавноста дека ќе ги преземе сите мерки кои и стојат на располагање на компанијата согласно Законот за работни односи и согласно внатрешните акти и правилници за да се утврди дали вработениот за наведеното дејство го злоупотребил работното место, работното време и службените ресурси“, соопштија од ЕЛЕМ.
Оттаму велат и дека писмено ќе се обратат до надлежните институции со прашање дали за лицето е отворена постапка за овој или за некој друг случај, како и да ги информираат институциите дека компанијата стои на располагање за сите потребни податоци и дека целосно ќе соработува во врска со наведениот случај.
Поп-Ѓорѓиев во ЕЛЕМ е вработен непосредно пред изборите и пред почетокот на изборната кампања, односно на 12 септември 2016 година.