ГАЗДАТА НА ПОРТАЛИТЕ ЗА ЛАЖНИ ВЕСТИ ПРОТИВ ЗАЕВ РАБОТИ ВО ДРЖАВНАТА ЕЛЕМ

    ГАЗДАТА НА ПОРТАЛИТЕ ЗА ЛАЖНИ ВЕСТИ ПРОТИВ ЗАЕВ РАБОТИ ВО ДРЖАВНАТА ЕЛЕМОд компанијата велат дека не можат да го избркаат од работа оти против него како креатор на лажни вести не е поднесена никаква кривична пријава од надлежните институции. (Фото: СДК.МК)

    Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев кој за време на изборната кампања пред парламентарните избори на 11 декември 2016 година, регистрираше портали во Хрватска и Србија од кои се ширеа лажни вести против лидерот на СДСМ Зоран Заев, е вработен во државната компанија ЕЛЕМ.

    Поп-Ѓорѓиев во ЕЛЕМ е вработен непосредно пред изборите и пред почетокот на изборната кампања, односно на 12 септември 2016 година.

    Од Државната компанија за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека лицето Поп-Ѓорѓиев бил  вработен во ЕЛЕМ на позиција системски оператор во ИТ сектор и сѐ уште работи во компанијата. Како вработен во ИТ секторот Поп-Ѓорѓиев зема месечна плата од 28.000 денари.

    „Точно е дека лицето Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев од 12 септември 2016 година е вработен во ЕЛЕМ. Иако во медиумите беше објавено дека токму тој регистирал портали и ширел лажни вести пред парламентарните избори во 2016, ние не можеме да гo избркаме од работа. Против него нема поведено никакво обвинение ниту кривична постапка од надлежните институции“, велат од државната компанија ЕЛЕМ.

    На 1 март 2017 САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека Поп-Ѓорѓиев на конкурсот на Агенцијата за филм за 2016 година доби 130.000 евра државни пари за продукција на документарец. Тој како сопственик на Друштво за производство на филмови, видеофилмови и телевизиска програма „Њу медиа 2016 ДООЕЛ Скопје“, доби државни пари за долгометражниот документарен филм „Гласови (Спомени за илинденците)“

    На 16 ноември 2016 година, од извесен хрватски портал ALO.COM.HR почнаа да се шират текстови со насловите „Заев договарал поделба на Македонија во Швајцарија“, „Сѐ за Сорос: Владетел на светот и човек кој одлучува за нашите животи или обичен преварант?“, кои масовно се споделуваa во Македонија на социјалните мрежи и се цитираа во провладините портали и  телевизии. Текстовите на социјалните мрежи ги споделуваа членови и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ.

    На хрватскиот пребарувач на домени за порталот ALO.COM.HR стои дека корисник е фирмата Њу Медиа Ентерпрајз регистрирана Скопје (Фото: НОВАТВ)

    Во истражувачки текст на 18 ноември, 2016, новинарите на интернет редакцијата НОВАТВ го проверија на хрватскиот пребарувач на домени порталот ALO.COM.HR и открија дека корисник е фирмата Њу Медиа Ентерпрајз (Nju Media Enterprajz) регистрирана на улица Васил Ѓоргов, 24/28 во Скопје, во населбата Капиштец, чиј сопственик и управител е Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев од Берово.

    Лажните вести масовно на социјалните мрежи ги споделуваа членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, а се цитираа и во провладините портали и телевизии, меѓу кои и водителот на емисијата „Јади бурек“ Јанко Илковски (Фото: НОВАТВ)

    Порталот ALO.COM.HR бил регистриран на 15 ноември, а на ист ден и од истата ИП адреса во Србија е регистриран сосем ист портал под името SAZNAJEMO.RS. И на хрватскиот и на српскиот портал се објавени истите лажни текстови против Заев, напишани на квазихрватски јазик со очебијни јазични грешки. Неколку дена откако независните медиуми во Македонија открија кој стои зад овие портали за лажни вести, тие станаа недостапни.

    Во 2017 Поп-Ѓорѓиев истовремено се водеше и како веб администратор и вработен во маркетинг во провладиниот портал ПУЛС24.МК во сопственост на Филип Петровски, тогашен директор на Државниот архив и лидер на поранешната партија Демократска десница која во 2012 сосе членството премина во ВМРО-ДПМНЕ. Името на Поп-Ѓорѓиев го имаше и како веб администратор на провладиниот портал А1.МК, кој се отвори во 2014 како регионален медиум, а го имаше и во импресумот на македонскиот портал НАЈАДИСЕ.МК. Името на Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев исто така стои и во Именикот на офицери за заштита на личните податоци регистрирани во Централен регистар на контролори за фирмата Друштво за продукција, маркетинг, промет и услуги „Виртувио ДООЕЛ Скопје“ чиј управител е Филип Петровски. Е-поштата на оваа фирма е истата како и онаа на фирмата што го регистрирала доменот за ALO.HR. Во 2015, провладините медиуми објавија и прилог со Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев, како невработен кој преку влдиниот проект за самовработување добил 3.000 евра неповратни пари со кои ја отворил „ИТ компанија“. Исто така, името Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев стои и на изборната листа на Демократска десница на Филип Петровски во третата Изборна единица на изборите во 2011.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира