ЕМ НЕМАМЕ ДОВОЛНО ЛЕКАРИ, ЕМ СИ ОДАТ, ТРЕБА ДА НИ СЕ ДОЗВОЛИ ДА РАБОТИМЕ И ПО 64 ГОДИНИ, ВЕЛИ Д-Р ГОРАН ДИМИТРОВ ОД МАКЕДОНСКОТО ЛЕКАРСКО ДРУШТВО

    ЕМ НЕМАМЕ ДОВОЛНО ЛЕКАРИ, ЕМ СИ ОДАТ, ТРЕБА ДА НИ СЕ ДОЗВОЛИ ДА РАБОТИМЕ И ПО 64 ГОДИНИ, ВЕЛИ Д-Р ГОРАН ДИМИТРОВ ОД МАКЕДОНСКОТО ЛЕКАРСКО ДРУШТВОСпоред Законот за здравствена заштита, директорите на клиниките еднаш годишно одлучуваат за продолжување на работниот однос на неопходните лекари заради непречено вршење на здравствената дејност во мрежата на здравствените установи. (Фото: К. Попов)

    Македонското лекарско друштво побара од министерот за здравство Илир Демири да им се дозволи продолжување на работниот однос на докторите кои имаат навршено 64 години и кои учествуваат во едукација на младите кадри на сите медицински факултети во земјава.

    „Тие доктори се врвни експерти во својата област. Зошто да не им се дозволи продолжување со едукацијата на млади кадри, зошто да бидат дискриминирани? Ние ем се соочуваме со недостиг на кадар, ем се соочуваме со одлив на мозоци, зошто да создаваме вештачки дефицит? Министерот го поздрави нашето барање и се согласува дека автоматски треба да им се продолжува работниот однос, без ничија согласност или потпис“, ни изјави претседателот на Друштвото, проф. д-р Горан Димитров.

    Д-р Димитров додава дека на овој начин младите здравствени работници ќе учат од експерти докажани во својата област по соодветните специјалности со долгогодишно искуство и успех зад себе.

    „И тие сакаат да учат од врвни професори експерти. Зошто да дозволуваме да си одат во странство кога во државата ќе добијат врвна едукација“, додава тој.

    Претседателот на Македонското лекарско друштво проф. д-р Горан Димитров (лево) и министерот за здравство Илир Демири. (Фото: Министерство за здравство)

    Од Министерството за здравство, во соопштението по средбата на Демири и д-р Димитров рекоа дека „Со оваа иницијатива и прифаќањето на оваа одлука ќе се овозможи континуирана продукција на нови и млади кадри коишто ќе допринесат за зајакнување на здравствениот систем. Младите здравствени работници ќе учат од експерти докажани во својата област по соодветните специјалности со долгогодишно искуство и успех зад себе“.

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашање до кабинетот на министерот, да ни кажат што треба да преземе и што ќе преземе министерот за да им се дозволи на докторите да едуцираат кадри после 64 години, но оттаму не добивме одговор до објавувањето на текстот.

    Изминативе години е актуелен проблемот со дефицит на стручен кадар во голем број области, а меѓу нив се и здравството и образованието.

    Според Законот за здравствена заштита, член 204 став 1, директорите на клиниките еднаш годишно одлучуваат за продолжување на работниот однос на неопходните лекари заради непречено вршење на здравствената дејност во мрежата на здравствените установи. Се разбира, по претходна согласност на лекарот. Во став 2 се наведува дека министерот за здравство само ја потврдува одлуката на директорот на клиниката.

    Во собраниска процедура е Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита, по скратена постапка. Со овој закон, како што објави Радио Слободна Европа, ќе се овозможи здравствените работници кои сакаат да продолжат да работат до 67 години, по автоматизам да го добијат тоа право. Предлагачи на законот се пратениците од СДСМ Мартин Костовски и Соња Михаиловска.

    „Ова е предлог кој треба да ги опфати сите лекари во државата, од сите болници, не само специјалистите или професорите. Мотив да го поднесеме до Собранието е дефицитот на лекари и намерата да се избегне субјективизам при одлучувањето на кого да му се дозволи да работи до 67 години. Решението е во тоа да не одлучува министерот, туку директорот на институцијата да е обврзан да го продолжи вработувањето на докторот кој сака да остане на работното место и по пензионирање“, вели Костовски во изјавата за Радио Слободна Европа, објавена на 18 март.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира