ЕРДОГАН ПРОГЛАСИ ПОБЕДА НА РЕФЕРЕНДУМОТ, ПРВ ПРИОРИТЕТ ЌЕ МУ БИДЕ ВРАЌАЊЕТО НА СМРТНАТА КАЗНА

    ЕРДОГАН ПРОГЛАСИ ПОБЕДА НА РЕФЕРЕНДУМОТ, ПРВ ПРИОРИТЕТ ЌЕ МУ БИДЕ ВРАЌАЊЕТО НА СМРТНАТА КАЗНАПриврзаниците на Ердоган слават на улиците на Истанбул по првичните и неофицијални резултати од референдумот за зголемување на овластувањата на претседателот. (Фото: ТРТ)

    Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган прогласи победа на референдумот со кој му се овозможуваат далекусежни нови овластувања, велејќи дека победил со јасно мнозинство. Тој зборуваше во Истанбул, додека броењето на гласовите се приближуваше кон крајот.
    Со повеќе од 99 отсто преброени гласови, „Да“ имаше 51,36%, додека „Не“ имаше 48,64%.

    Во невообичаено смирен победнички говор, Ердоган им порача на странските сили да го почитуваат исходот од референдумот.
    „Имаме многу работа, ние сме на овој пат, но време е да ги смениме брзините и да одиме побрзо“, кажа Ердоган.

    Турскиот претседател вели дека поддршката за уставните измени пораснала во југоисточна Турција и го поздрави скокот на поддршката за претседателскиот систем, којшто беше непопуларен пред две години. Гласачите од дијаспората беа голем дел од тој успех, додаде тој.

    Без да губи време, Ердоган кажа дека сега ќе дискутира за враќање на смртната казна со премиерот Бинали Јилдирим и лидерот на националистичката опозициска партија МХП. Тој рече и дека ќе свика референдум за прашањето ако е потребно.

    Двете најголеми опозициски партии, ЦХП и ХДП ги спорат резултатите од референдумот и велат дека додека не биде одлучено по нивните приговори, резултатот не е финален.

    Победата на „Да“ на референдумот ќе овозможи 18 уставни реформи коишто ќе му дадат моќ на претседателот да назначува владини министри, високи функционери и половина од членовите на Врховниот суд, а ќе може и да издава декрети. Со новиот систем, Ердоган може да остане  на претседателската функција до 2029 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира