ЕУ ДОСТАВИ 40 ПРЕПОРАКИ ДО МАКЕДОНСКИТЕ ВЛАСТИ ЗА ПОПРАВАЊЕ НА СИТУАЦИЈАТА СО СУДСКИОТ СОВЕТ, ЕВРОАМБАСАДОРОТ ГИР ВЕЛИ ДЕКА САМАТА БРОЈКА УКАЖУВА НА ДЛАБОКИ ПРОБЛЕМИ

    ЕУ ДОСТАВИ 40 ПРЕПОРАКИ ДО МАКЕДОНСКИТЕ ВЛАСТИ ЗА ПОПРАВАЊЕ НА СИТУАЦИЈАТА СО СУДСКИОТ СОВЕТ, ЕВРОАМБАСАДОРОТ ГИР ВЕЛИ ДЕКА САМАТА БРОЈКА УКАЖУВА НА ДЛАБОКИ ПРОБЛЕМИЕкспертската мисија на ЕУ дојде во Скопје по серијата скандалозни седници на Судскиот совет, почнувајќи со незаконското разрешување на претседателката Весна Дамева на 26 април. (Фото: СДК.МК)

    По две посети на Скопје, експерти на ЕУ изготвија извештај за состојбата со Судскиот совет и тој содржи 40 препораки за поправање на ситуацијата. Извештајот нема да биде објавен јавно за да се заштитат нивните соговорници, кои биле повеќе од 40.

    Самата бројка на 40 препораки кажува дека има длабоки проблеми со функционирањето на Судскиот совет и со тоа што Судскиот совет е во самото срце на судството има влијание на функционирањето на целокупното судство, вели евроамбасадорот Дејвид Гир.

    „Судството се наоѓа во критична точка, потребна е итна акција е потребна да се адресираат овие проблеми“, кажа Гир на брифинг со новинарите.

    За 23 од 40-те препораки се потребни уставни или законски измени, додека за 17, во врска со транспарентноста и практиките на работа во Судскиот совет, не се потребни уставни или законски измени.

    „Овие проблеми не се од вчера, туку се акумулирани со тоа што не се соодветно адресирани навремено“, вели Гир.

    Дел од препораките се однесуваат околу изборот на членови, односно кој може да биде член на Судскиот совет, посебно со акцент на дефинирање на терминот „истакнат правник“. Понатаму, се препорачува скратување на мандатот од 6 години на членовите на Судскиот совет, бидејќи со долг престој во Судскиот совет се губи контакт со работата на судовите.

    Според препораките, потребен е етички кодекс за однесување на членовите на Судскиот совет, како и воспоставување процедура за разрешување на претседателот на Судскиот совет и дефинирање на прекршоците за кои би можел да биде разрешен претседателот. Потребно е и подобрување на процедурата за евалуација на судиите при унапредувањата, како и при дисциплинските постапки.

    Исто така, од ЕУ препорачуваат Судскиот совет да биде поактивен во објаснувањето и промоцијата на својата работа.

    „Очекуваме овие препораки да бидат врвен приоритет за сите следни влади. Без имплементација на овие препораки не гледам како би напредувале реформите во судството“, вели Гир.

    Експертската мисија на ЕУ дојде во Скопје по серијата скандалозни седници на Судскиот совет, почнувајќи со незаконското разрешување на претседателката Весна Дамева на 26 април.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира