ЕУ ГИ ОСТАВИ ГРАЃАНИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ЦРНА ДУПКА ЗА ПАТУВАЊА

    ЕУ ГИ ОСТАВИ ГРАЃАНИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ЦРНА ДУПКА ЗА ПАТУВАЊАРегионите во ЕУ се обележуваат со зелена, жолта и црвена боја, во зависност од бројот на заразени на 100.000 жители. (Фото: Твитер/Европска комисија)

    Европскиот совет и понатаму им препорачува на членките на ЕУ да ги ограничат патувањата од земји надвор од Унијата како дел од мерките да се спречи ширењето на коронавирусот. Сепак, Европскиот совет (ЕС), исто така, има листа на земји за кои им препорачува на членките да ги олеснат ограничувањата за влез. На листата се Австралија, Јапонија, Нов Зеланд, Руанда, Сингапур, Јужна Кореја, Тајланд и Кина, за кои  ЕС смета дека добро се справуваат со пандемијата.

    Никаде во плановите не се споменуваат земјите од Западен Балкан. Речиси сите земји во ЕУ забрануваат влез на граѓани од земјите на Западен Балкан дури и ако имаат негативен ПЦР тест.

    Препораките на ЕС важат за т.н. ЕУ+ регион, кој ги вклучува сите земји од Шенген зоната, членките на ЕУ надвор од Шенген, како Бугарија, Хрватска, Кипар и Романија, но и четири земји надвор од ЕУ, како Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.

    Препораките не се задолжителни и членките на ЕУ можат да одбијат влез на граѓани на земји од одобрената листа, но и да дозволат влез на граѓани од земји кои не се на листата.

    Европскиот совет на 22 декември им препорача на членките на ЕУ да не дозволуваат влез на граѓани на Велика Британија поради новата варијанта на коронавирус во земјата. Дополнително, на 31 декември заврши транзициониот период за Брегзит, па граѓаните на Велика Британија веќе не се третираат како граѓани на ЕУ и за нив сега важат препораките за земји надвор од ЕУ.

    Европската комисија воведе систем со три различни бои за регионите во Европа, кој го користат дел од земјите на ЕУ. Популарно наречен „семафор систем“, регионите се обележуваат со зелена, жолта и црвена боја, во зависност од бројот на заразени на 100.000 жители. ЕК им препорачува на земјите да воведуваат рестрикции за жителите на регионите со зелена и жолта боја, иако за жителите од жолтите региони може да се прави ПЦР тест. За жителите од регионите со црвена боја се препорачува ПЦР тест или карантин. Мапата се обновува секоја недела и треба да биде некако вид на водич за постепено отворање на членките на ЕУ по олабавувањето на рестрикциите, кои во најголем дел од ЕУ се со важност до крајот на јануари. Дополнително, во ЕУ почна вакцинацијата против ковид-19, иако со проблеми на стартот, но се очекува да придонесе за побрзо отворање на земјите.

    Но, овие препораки важат само за членките на ЕУ+ регионот, додека за земјите од Западен Балкан не ни се наоѓаат податоци на мапата на Европската комисија.

    Македонските граѓани засега не можат да влезат во ЕУ, освен ако не ги сметаат за неопходни работници или ако имаат дозвола за престој. Дополнително секоја членка на ЕУ има посебна политика за рестрикции и нема координиран пристап за земјите кои географски припаѓаат на Европа, но не се дел од ЕУ.

    Едни од најстрогите мерки ги има Унгарија, која уште од 1 септември минатата година дозволува влез само на унгарски граѓани. Странци можат да влезат само за деловни потреби или да учествуват на спортски или културни настани, но со два негативни тестови или задолжителен карантин по нивното пристигнување. Влез од Британија се дозволува само во исклучителни ситуации до 8 февруари.

    М. ИЛИОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира