ЕУ ИЗГРАДИ СУДНИЦА ОД 1,3 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ЗАТВОРОТ „ИДРИЗОВО“, ТАМУ ЌЕ СЕ СУДАТ ПРИТВОРЕНИ И ОСУДЕНИ ЛИЦА

    ЕУ ИЗГРАДИ СУДНИЦА ОД 1,3 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ЗАТВОРОТ „ИДРИЗОВО“, ТАМУ ЌЕ СЕ СУДАТ ПРИТВОРЕНИ И ОСУДЕНИ ЛИЦАСудницата е само еден сегмент од целокупниот комплекс, кој содржи ќелии за обвинетите, посебни канцеларии за судиите и за јавните обвинители, простории за адвокатите, најсовремен систем за заштита на сведоци со можност за изобличување на слика и тон, систем за видеоконференција, кабина за преведувачи, како и соодветен безбедносен и мониторинг систем. Овој комплекс располага со посебни влезови за осудени лица, за службени лица, за јавноста која ќе присуствува на овие судења и посебен дел за новинарите. (Фото: Министерство за правда)

    На површина од еден хектар, во затворот „Идризово“ е изградена најголемата судница по светски стандарди што ги нема во редовните судови, а во неа ќе се судат притворени или осудени лица за тежок криминал. Изградбата и опремувањето на затворската судница чинат 1,3 милиони евра, кои Европската унија ги даде за оваа намена. Место затворните лица да бидат транспортирани со цели кордони полиција, да се доведуваат во ризик за бегство, да им се носи ручек во судница, да доцни спроводот, сега тие компликации ќе бидат отстранети.

    Наскоро, судницата ќе биде пуштена во употреба и за тие специфични судења судиите, поротниците, записничар, преведувач, цел тим ќе одат таму да ги водат. Обвинителите и адвокатите на овие осудени или притворени лица кои се обвинети и за други сериозни тешки дела, ќе доаѓаат во оваа судница.

    Судницата има капацитет за 120 лица, а увид направија министерката за правда Рената Дескоска, заедно со шефот за соработка во ЕУ Делегацијата Никола Бертолини, Државниот обвинител Љубомир Јовески, претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и директорот на Управата за извршување на санкциите Јовица Стојановиќ.

    „Причината за лоцирањето на оваа судница во Затворот ‘Идризово’ е затоа што во него во моментов се сместени околу 60% од вкупниот број осудени лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор, а во овој затвор ќе биде изграден и најголемиот притворски центар во државата, со што 80% од вкупно притворените лица ќе бидат сместени во овој затвор“, вели министерката Дескоска.

    Оваа судница е изградена по теркот на судниците во државите со големо искуство во справувањето со организираниот криминал. Таа е само еден сегмент од целокупниот комплекс за оваа намена кој содржи ќелии за обвинетите, посебни канцеларии за судиите и јавните обвинители, простории за адвокатите, најсовремен систем за заштита на сведоци со можност за изобличување на слика и тон, систем за видеоконференција, кабина за преведувачи, како и соодветен безбедносен и мониторинг систем. Овој комплекс располага со посебни влезови за осудени лица, за службени лица, за јавноста која ќе присуствува на овие судења и посебен дел за новинарите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира