ЕВАКУИРАНА МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО КИЕВ

    ЕВАКУИРАНА МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО КИЕВМинистерот Османи кажа дека членовите на семејствата на дипломатите ги вратиле пред две недели, додека дипломатите останале за да излезат последни, затоа што прво им било важно да излезат граѓаните, а потоа тие на крај. (Фото: Гугл стрит вју)

    Македонските дипломати од амбасадата во Киев се евакуирани од главниот град на Украина и се на пат за Молдавија, кажа министерот за надворешни работи Бујар Османи. На денешната прес-конференција, Османи рече дека денеска успеале да ги извлечат дипломатите преку безбедносен коридор.

    „Ситуацијата, посебно во текот на ноќта во Киев е влошена. Ние одлука за евакуација на нашите дипломати имаме донесено на денот на руската агресија во Украина, но поради отежнатите околности тие не беа во состојба да ја напуштат Амбасадата. Целиот овој период беа во скривница. Ние потоа преземавме неколку координации со наши партнери и успеавме пред половина час да ги извлечеме нашите дипломати преку безбедносен коридор и тие се веќе тргнати кон Молдавија“, рече Османи.

    Министерот додаде дека членовите на семејствата на дипломатите ги вратиле пред две недели, додека дипломатите останале за да излезат последни, затоа што прво им било важно да излезат граѓаните, а потоа тие на крај.

    „Затоа до последен момент откако почнаа воените активности таму дипломатите од скривница даваа патни листови на граѓани на различни форми, но сепак вчера донесовме одлука тие да се евакуираат на безбеден начин. Тоа успеаја да го направат денеска. Станува збор за двајца дипломати и уште двајца граѓани кои беа заедно си дипломатите во Амбасада, наши државјани. Едно семејство случајно е придружено со дел од мониторинг мисијата на ОБСЕ која се упатува кон Молдавија, со други граѓани сме во комуникација за да најдеме начин како да ги извлечеме, вклучувајќи ги и семејствата на нашите државјани кои се украински државјани. Има наши државјани кои се мажени или женети со граѓани од Украина, помина одлука на Влада со која и на нивните семејства ќе им обезбедиме засолниште во земјава, но треба прво да се обезбеди безбедносен коридор за евакуација“, рече Османи.

    Од Украина сме добиле барање за конкретна помош, пред сè во единиcи на крв, медицински помагала и лекови, но и други средства кои преку Механизмот на цивилна заштита на НАТО и на ЕУ се координираат во државата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира