ЕВЕНТУАЛНИТЕ ШТЕТИ ОД КУПУВАЊЕТО НА ДЕЛЧЕВСКИТЕ НИВИ ПО 40 ПАТИ ПОСКАПА ЦЕНА ЌЕ СИ ОДАТ НА ТОВАР НА ЕВН, ВЕЛАТ ОД РЕГУЛАТОРНА ОТКАКО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈА ПРЕКИНА ИСТРАГАТА

    ЕВЕНТУАЛНИТЕ ШТЕТИ ОД КУПУВАЊЕТО НА ДЕЛЧЕВСКИТЕ НИВИ ПО 40 ПАТИ ПОСКАПА ЦЕНА ЌЕ СИ ОДАТ НА ТОВАР НА ЕВН, ВЕЛАТ ОД РЕГУЛАТОРНА ОТКАКО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈА ПРЕКИНА ИСТРАГАТАПрашање е дали на тие ниви во Делчево може да се постават фотоволтаици, бидејќи дел од нив се земјишта-шуми, земјишта со непристапен пат и земјишта кои се наоѓаат во заштитено подрачје. - Поставување фотоволтаици (Фото: илустрација)

    Обвинителството ја запре истрагата за измамата со купување ниви за фотоволтаици во Делчево, платени како градежно земјиште за 40 пати поскапо од нивната вредност, зашто aвстриската ЕВН и претставникот на државниот капитал во компанијата се премислиле и му кажале на обвинителот всушност дека не се оштетени. Дополнително, прашање е дали на тие ниви може да се постават фотоволтаици, бидејќи дел од нив се земјишта-шуми, земјишта со непристапен пат и земјишта кои се наоѓаат во заштитено подрачје.

    Прашање е и дали ќе бидат заштитени граѓаните од поскапување на струјата, откако ЕВН плати 1,5 милиони евра за спорните ниви во Делчево.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ова прашање ѝ го постави на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), од каде ни одговорија дека нивите платени 40 пати поскапо компанијата ги плаќала од друга сметка, од таа за производство, во која РКЕ нема право да се меша.

    „Регулаторната комисија за енергетика определува цени за пренос, дистрибуција и универзално снабдување со електрична енергија. Активностите во ЕВН електрани на ниту еден начин не влијаат врз цената на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи бидејќи тоа е нерегулирана енергетска дејност за која РКЕ не определува цена. Произведените количини на електрична енергија се продаваат на слободниот пазар по цени кои меѓусебно си ги договараат. Евентуално настанатите штети ќе си одат на товар на самата компанија“, вели претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

    Нивите во 2021 година, два дена пред продажбата биле добиени на подарок на осомничените и веднаш продадени за 4.000 посто поскапо на австриската ЕВН, во Македонија регистрирана како ЕВН Македонија АД Скопје. И австрискиот претставник, како и нашиот од Владата, кажале дека се доведени во заблуда и оштетени, по што тргна досега најголемата истрага за измама во оваа област.

    На второто сослушување во обвинителството, австрискиот претставник се повлекол, кажал дека нема штета буџетот на компанијата, со оваа зделка. Нашиот претставник сè уште тврдел дека осомничените ги довеле во заблуда за цената на нивите и оти буџетот на компанијата е оштетен. Но, на следното појавување пред обвинителот, и тој ја сменил изјавата, поради што ОЈО Скопје ја прекинува оваа голема истрага, а на претставникот на државниот капитал му отвори предистрага за давање лажен исказ.

    Осомничени беа 7 луѓе, членови на ВМРО-ДПМНЕ, но и лице од обезбедувањето на Христијан Мицкоски.

    На двајцата првоосомничени им се ставаше на товар дека во текот на 2021 година заеднички, во вршење на службата, со намера за друг да прибават противправна имотна корист, ги довеле во заблуда членовите на Управниот одбор на оштетеното правно лице – ЕВН Македонија АД Скопје, а потоа и овластено лице да извршат незаконита исплата во постапка за купување недвижен имот – земјиште со намена за изградба на фотонапонски волтаици.

    Притоа не ги почитувале и ги заобиколиле интерните постапки во работата на правните лица, не ги извршиле неопходните претходни проверки кои што биле должни да ги извршат и со тоа делувале ЕВН АГ АВСТРИЈА, во својство на доминантен акционер во ЕВН Македонија АД Скопје, да ја оцени како исплатлива (погодна) и да ја одобри инвестицијата за купување недвижен имот, односно на вкупно 48 катастарски парцели во неколку катастарски општини.

    Основ за поведување на постапката за кривично дело, чие битие се заснова на доведување во заблуда на овластените лица да извршат незаконита исплата, беа првичните искази на членовите во УО на ЕВН Македонија АД Скопје, кои тврдеа дека не би гласале за одлуката за купување доколку ги знаеле фактите во врска со дел од предметните парцели, поточно дека се работи за земјишта-шуми, земјишта со непристапен пат и земјишта кои се наоѓаат во заштитено подрачје.

    „Надлежниот јавен обвинител во текот на постапката ја прибра целокупната документација поврзана со носењето на одлуките и со склучувањето на договорите за купување на парцелите, која беше предмет на вештачења. Дополнително, беа извршени распити на сите лица кои имаа определени сознанија. Меѓутоа, во текот на истражната постапка, членовите на УО го сменија својот исказ и изјавија дека откако ги разгледале прибраните докази сметаат дека не биле доведени во заблуда и не биле измамени од осомничените во поглед на постапката и дека повторно би го одобриле купувањето на предметниот имот. Членот на Управниот одбор на ЕВН Македонија АД Скопје именуван од страна на Владата изјави дека правното лице не е оштетено преку дејствијата на осомничените и дека во случајот нема незаконита исплата“, соопшти Обвинителството.

    „Имајќи ја предвид изјавата на застапникот и воедно заштитникот на државниот капитал во правното лице ЕВН Македонија АД Скопје, која во конкретниот случај е круцијална за докажување на заблудата како обележје на кривичното дело, јавниот обвинител во предметот донесе одлука за запирање на истрагата“, вели органот на прогон.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира