ЕВРОАМБАСАДОРОТ ГИР ВЕЛИ ДА НЕ СЕ ПРАВАТ СПОРЕДБИ НА РУСКИТЕ УСЛОВИ КОН УКРАИНА СО БУГАРСКИТЕ КОН МАКЕДОНИЈА

    ЕВРОАМБАСАДОРОТ ГИР ВЕЛИ ДА НЕ СЕ ПРАВАТ СПОРЕДБИ НА РУСКИТЕ УСЛОВИ КОН УКРАИНА СО БУГАРСКИТЕ КОН МАКЕДОНИЈАДејствија на Русија се широко осудени во Генералното собрание на Обединетите Нации и тоа се две различни ситуации. (архивска фотографија)

    Евроамбасадорот Дејвид Гир вели дека не треба да се прават споредби на условите што ги поставува Русија кон Украина со оние што ги поставува Бугарија кон Македонија во историскиот контекст на дефинирање на нациите, одговарајќи на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер.

    Гир рече дека станува збор за две крајно различни ситуации, затоа што во Украина се бомбардираат градови од страна на руската армија.

    „Сум го сретнал ова и на социјалните медиуми. Самите дејствија на Русија се широко осудени во Генералното собрание на Обединетите Нации и тоа се две различни ситуации. Целосно отфрлувам правење паралела меѓу односите на Русија и Украина, со оние меѓу Бугарија и Северна Македонија. Во Украина, како што веќе кажав, гледаме градови што се бомбардираат од страна на руската армија, имаме напади врз суверена држава чија територија е ставена под прашалник“, рече Гир.

    Францускиот амбасадор, пак, рече дека треба да продолжат преговорите меѓу Бугарија и Македонија.

    „Да ги оставиме тие што преговараат да најдат решение, спремни сме кога ќе дојде моментот да го крунисаме успехот. Да не даваме недоследни изјави, да му дозволиме на процесот кој е ветувачки да се остварува во најдобри услови“, кажа францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер.

    На денот на почетокот на руската инвазија на Украина минатата недела, Владимир Путин го обвини Ленин за формирањето на Украина и кажа дека таа никогаш немала традиција на сопствена државност.

    „Ленин е авторот и архитект на Украина, тој ја обесправил Русија. Модерната Украина била целосно креирана од Русија, поточно од бољшевиците. Таа е дел од нашата историја. Русија беше ограбена со распадот на Советскиот Сојуз, тоа беше геополитичка катастрофа“, изјави Путин.

    Бугарија, пак, како што е наведено во декларациите на бугарскиот парламент и на бугарската влада од октомври 2019 година, вели дека македонскиот јазик не постои и е само дијалект на бугарскиот и дека до 1944 година двете земји имале заедничка историја.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира