Следниот месец ќе почне изградба на колекторскиот систем во Скопје, со кој ќе се собираат отпадните води кои сега директно се испупштаат во Вардар. Изградбата на колекторскиот систем или главниот цевковод за отпадни води е предуслов да може да се стави во функција пречистителната станица во Скопје, чија градба треба да почне во 2020 година. Реализацијата на проектот ќе чини над 10 милиони евра, од кои околу 8 милиони се обезбедени од ИПА фондовите, а два милиони евра ги обезбеди Владата.
Министерството за животна средина, Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ денес потпишаа договор за спроведување на ИПА проектот „Подобрување на инфраструктурата за отпадни води во градот Скопје“.
„Со овој проект е планирана изградба на главните колектори на десниот и левиот брег на реката Вардар во подрачјето на градот Скопје. Со тоа ќе се изврши затворање на неколку испусти на отпадна вода што директно се излеваат во реката Вардар во централното градско подрачје и општина Аеродром. На тој начин ќе се заштитат водите на реката Вардар, а со изградбата на колекторите се реализираат и главните предуслови за изградба на централна пречистителна станица за градот Скопје, за која Владата се обврза да ја започне најдоцна до 2020 година“, рече Садула Дураки, министер за животна средина.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов кажа дека новиот колекторски систем претставува чекор напред во заложбата, водите на реката Вардар да ја добијат природната боја, а степенот на чистота на водата да се подигне на највисоко можно ниво.
Е. БОЧВАРОСКА