Вишата обвинителка Фатиме Фетаи, една од тројцата кандидати за државен обвинител на местото на пензионираниот Љубомир Јовески, е зачудена зошто е дисквалификувана со причина измислена само за неа, дека немала уверение за познавање на македонски јазик и уверение за деловна способност.
Оттаму, бара Советот на јавни обвинители да ја преиспита својата одлука и за да обезбеди еднаков третман на сите обвинители во Обвинителството на Македонија, да влезе во документите кога се вработувале/бирале или унапредувале и да провери дали сите поднеле уверенија за деловна способност и за познавање на македонскиот јазик.
Без овие два услова, ние не би ни биле обвинители, вели Фетаи, потсетувајќи дека еднаш веќе доставиле уверенија. Прашува и како поминала нејзината документација како комплетна кај специјализираната служба во Собранието, кое го објави огласот како надлежно за избор на Јавен обвинител на Македонија?
Според членовите на Советот на јавни обвинители, Фетаи не доставила уверение за познавање на македонскиот јазик и уверение за деловна способност.
„Убаво би било Советот на јавните обвинители уште еднаш да ја преиспита својата одлука. Познавањето на македонскиот јазик и уверение за деловна способност се општи услови, кои се подразбира дека ги исполнуваме уште кога сме избрани за обвинители. Ако не ги исполнуваме овие два услова, ние воопшто не не би можеле да работиме како обвинители“, вели Фатаи.
Спорeд неа, ако и за двете работи Советот смета дека мора да се докажуваат со посебен документ, тогаш ниту една од досега поднесените документации не е комплетна, бидејќи никој не доставил уверение за познавање на македонскиот јазик.
„Деловната способност е еден од општите услови предвидени за секој обвинител, не само за републички. Би било пожелно ако веќе Советот се држи до став како денешниот да одговори колку од сите досега избрани јавни обвинители во државата, во минатото и сега, имаат доставено уверение за докажување дека се деловно способни, вели Фетаи.
Во нејзината документација таа доставила и лекарско уверение, потврда дека е психофизички способна да ја извршува функцијата.
Советот денеска едногласно даде позитивно мислење за кандидатот Љупчо Коцевски да биде нов државен јавен обвинител. Кандидатката Лидија Раичевиќ не доби позитивно мислење, а членовите на Советот, всушност, и не разговараа за кандидатката Фатиме Фетаи, поради нецелосна документација.
Коцевски е републички јавен обвинител, избран на функцијата пред една година. Раичевиќ е обвинителка во Основно јавно обвинителство Скопје, додека Фетаи е скопска виша јавна обвинителка.
С. К. ДЕЛЕВСКА