ФЕТАИ ЌЕ ГО ТУЖИ АДВОКАТОТ АРСЛАНИ ЗА КЛЕВЕТА, НЕЈЗИНИОТ КОЛЕГА ОД СЈО БУБЕВСКИ ЌЕ ГИ ПРИЈАВИ ЗАКАНИТЕ ВО СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО

    ФЕТАИ ЌЕ ГО ТУЖИ АДВОКАТОТ АРСЛАНИ ЗА КЛЕВЕТА, НЕЈЗИНИОТ КОЛЕГА ОД СЈО БУБЕВСКИ ЌЕ ГИ ПРИЈАВИ ЗАКАНИТЕ ВО СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВОСпецијалната обвинителка Фатиме Фетаи вели дека заканите се случиле во првата половина на ноември лани, но оти со Бубевски случајот не го пријавиле веднаш, оти сметале дека заканата во множина „ќе му ја расплачеме фамилијата“ адвокатот Мефаиљ Арслани ја дал во афект или во очај. - Фатиме Фетаи пред Основниот суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    Обвинителот од Специјалното јавно обвинителство Гаврил Бубевски комплетира изјави од колешката Фатиме Фетаи и од сведок за заканите со кои пред два месеца адвокатот Мефаиљ Арслани, според Фетаи, упатил закани по животот на Бубевски.

    Фетаи во дописот што го испрати денеска, најавува дека по расчистување на овој случај од страна на редовното обвинителство, таа ќе поднесе тужба за клевета и навреда, поради вчерашните навреди, изнесени од него во демант што го испрати до медиумите.

    Вчера, на судењето на „Титаник 3“, кај што се обвинети Ејуп Алими и Исмет Гури, за уништување на изборен материјал со преправање на записници од гласање во корист на ДУИ, по затворањето на рочиштето и закажувањето нов термин, се спречкаа адвокатот Мефаиљ Арслани и обвинителите на СЈО.

    Пред петчлениот судиски совет и пред новинарите, адвокатот на Ејуп Алими кажа дека одбраната е поревносна од СЈО и оти тие не се доволно ангажирани да го обезбедат клучниот сведок. Тој име: „Ние сме подобри“. Кога почна да им зборува така, Бубевски се заврте кон него и кон обвинетите и рече:

    „Да, подобри сте вие, особено кога се заканувате“ и додаде дека тој е каурот на кој сакале да му го расплачат семејството.

    Во вжештената атмосфера Арслани кажа дека не се заканувал, а Фетаи го потсети пред сите:

    „Па ти ми го кажа тоа!“.

    Според Бубевски, во заканите Арслани и рекол дека таа е нивна, ама оти на тој каурот ќе му ја расплачат фамилијата.

    Фетаи вели дека заканите се случиле во првата половина на ноември лани, но оти со Бубевски случајот не го пријавиле веднаш, оти сметале дека заканата во множина „ќе му ја расплачеме фамилијата“ е даден во афект или во очај и не сакале да му ја загрозат кариерата на колегата. Но, после вчерашниот настан и навредите од Арслани, вели Фетаи, спремна е да зборува пред редовното обвинителство како сведок, ако биде повикана.

    Вчера адвокатот Арслани негираше дека воопшто некогаш кажал закана и дека имал националистички настап со споменување термин „каур“.

    Обвинителот Бубевски вели дека ќе денеска или утре ќе го пријави случајот во Скопското јавно обвинителство со закани од Арслани дадени во множина: „ти си наша, ама на тој каурот ќе му ја расплачеме фамилијата“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари