Нов тендер од 35 милиони евра за групна тригодишна набавка на реагенси за лабораториите, кој треба да се распише за два недели, денес најави министерот за здравство Венко Филипче. За разлика од претходната постапка, која беше поништена и со која набавката не беше делива, овојпат тендерот ќе биде поделен на седум лота, од кои едниот е за компјутерски систем за следење на потрошувачаката и резервите на реагенси што ги има во здравствените установи.
На прашањето какви ќе бидат критериумите во тендерот и дали ќе може повторно како минатиот пат да конкурира фирма која е неколку месеци пред тоа основана, Филипче рече:
„Тоа беше една од дезинформациите. Фирмата која конкурираше беше странска со огромно реноме. Таа фирма која излезе во јавноста беше дистрибутер. Сметам дека на ова може да одговорат само спремни фирми со огромно искуство и со светско реноме. Нема да продолжиме ако има проблем или ако нема заштеди. Сметаме дека со многу помалку средства може да функционира овој систем“, рече Филипче.
- ФИЛИПЧЕ ГО ПОНИШТИ ТЕНДЕРОТ ОД 35 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА РЕАГЕНСИ ОТИ ЕДИНСТВЕНАТА ПРИЈАВЕНА ФИРМА ИМАЛА ФАЛИЧНА ДОКУМЕНТАЦИЈА
- ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГО ИСТРАЖУВА ПОНИШТЕНИОТ ТЕНДЕР ЗА РЕАГЕНСИ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО
Филипче кажа дека се откажале од претходното решение да има осум централни лаборатории и крвта да се транспортира низ земјата, туку дека сега ќе пробаат со систем на транспорт низ градовите.
„Планираме да направиме систем на транспорт во градот, значи нема да има лаборатории во две или три места. Пациентите пак на исто место ќе даваат крв, но крвта ќе се транспортира до болницата. Се откажуваме од системот за транспорт на крвта низ државата, сакаме да видиме како овој систем за транспорт ќе функционира во рамки на градовите и ова е договорено со нашето здружение на биохемичари“, рече Филипче.
Тој кажа дека нема да има отпуштања од работа на вработените во лабораториите, бидејќи во нив и натаму ќе се зема крв од пациентите, а ако има потреба дел од кадарот ќе се распредели во централните лаборатории каде недостасува кадар. Резултатите за брзите анализи пациентите ќе ги добиваат уште истиот ден, а подеталните следниот.
Со тендерот ќе се бара операторите кои ќе се јават да обезбедеат бесплатни апарати и бесплатен сервис на апаратите, бидејќи според Филипче, сега се трошат дополнителни средства токму на сервис на лабораториските апарати.
„Пациентите веќе нема да бидат упатувани во приватните амбуланти, како што беше на пример во помалите места, за да се соберат огромен број пациенти каде беше соодветено да се отворат реагенси за огромен број пациенти. Таму има апарати од повеќе анализи на час, а во денот реално се прават неколку стотици или десетици“, рече Филипче.
Во Скопје централни лаборатории ќе има во градската општа болница „8 Септември“, во клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, а во клиничкиот центар централната лабораторија ќе биде во Институтот за биохемија, но ќе останат и лабораториите на Инфективна клиника, Гинекологија и на Хирургија, за специфичните анализи што ги прават.
„Бројот на лаборатории во Здравствен дом ќе се преполови, од 11 ќе се сведат на пет или шест, а тие во поликлиниките ќе бидат распределени таму каде ќе бидат пунктовите за дежурни служби за педијатри, кои планираме да ги воведеме од јануари, за да се намали притисокот врз Детската клиника. Веќе се определени педијатри за обука од областа на семејната медицина. Во останатите поликлиники ќе се организира транспорт до најблиската поликлиника“, рече Филипче.
Тој рече дека со овој начин на набавка очекуваат заштеди од 10 до 15 отсто од од парите што сега се трошат за набавка на реагенси, односно според податоците кои ги собрале од јавните здравствени установи за три години за набавка на реагенси се трошат 35 милиони евра, плус пари за сервисирање на апаратите.
Е. БОЧВАРОСКА