Министерот за здравство Венко Филипче рече дека не знае за случајот од пред неколку дена кога Основното јавно обвинителство за организиран криминал поведе истрага против една приватна болница за фиктивна наплата на кардиоваскуларни интервенции од Фондот за здравствено осигурување и дека за тоа разбрал од медиумите.
„Министерството за здравство стои на располагање на Обвинителството за сите потребни информации“, рече Филипче.
ФЗОМ на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали знаат за која приватна болница станува збор и во кој период се наплатени фиктивни кардиоваскуларни зафати не одговори. Од таму кажаа дека и лани и годинава имаат договор со две болници, односно со Аџибадем Систина и со Д-р Жан Митрев.
Филипче на денешната прес конференција кажа дека не се точни информациите дека Министерството заедно со ФЗОМ преговараат со приватната болница на д-р Жан Митрев таму да се префрли тимот од детската кардиохирургија за да ги искористат добрите услови што ги има оваа здравствена установа.
„Ги демантиравме информациите дека веќе е склучен договор. Сè уште ги разгледуваме најдобрите можни решенија и размислуваме во преговорите да ја вклучиме и Аџибадем Систина“, рече Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА