ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО ЌЕ Ѝ ДАДЕ АВАНС НА ГИНЕКОЛОГИЈА ДА ЈА ОДБЛОКИРА СМЕТКАТА, КАЖА ФИЛИПЧЕ

    ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО ЌЕ Ѝ ДАДЕ АВАНС НА ГИНЕКОЛОГИЈА ДА ЈА ОДБЛОКИРА СМЕТКАТА, КАЖА ФИЛИПЧЕ„Клиниката за гинекологија авансот ќе го добие или во текот на денешниот ден или по празниците“, кажа министерот за здравство Венко Филипче. (Фото: СДК.МК)

    Фондот за здравствено осигурување ќе ѝ даде аванс на Клиниката за гинекологија за да може да ја одблокира сметката, кажа министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека утрово имал состанок со директорот на ФЗОМ Ден Дончев и дека го решиле проблемот, кој настана пред неколку дена кога по тужби на родители на бебиња кои во 2008 година ослепеле при престој во инкубатори на интензивна нега на Клиниката, од сметката на Гинекологија беа симнати со извршни решенија 29 милиони денари.

    „Утрово имавме состанок со директорот на Фондот за здравствено осигурување и проблемот веќе го решивме. Ќе се обезбеди дополнителна сума на пари во форма на аванс и таа сума ќе биде достапна за Клиниката за гинекологија или во текот на денешниот ден или веќе по празниците. На Клиниката ќе ѝ биде префрлена сума за колку што ѝ беше блокирана сметката“, кажа Филипче.

    Д-р Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија и акушерство, вели дека во рок од месец и пол од сметката на Клиниката се симнати 40,9 милиони денари по тужби за ретинопатија кај предвреме родени бебиња, што се случиле пред 10 години. Таа објаснува дека во февруари од сметката на Клиниката со извршно решение се симнат 16 милиони денари за еден случај, а дека деновиве по друго извршно решение се симнати 29 милиони денари.

    „И во февруари ни беше блокирана сметката, па ја одблокиравме. Сега повторно се случи истото. Овие над 660.000 евра се симнати од нашата сметка само за месец и половина. Во првиот случај станува збор за едно бебе, а во вториот случај за близначиња“, вели д-р Јовановска.

    Таа објаснува дека за случаите со ретинопатија од 2008 година, кога државата немала скрининг програма за ретинопатија кај недоносени бебиња, има вкупно 12 тужби против Клиниката.

    „За уште четири случаи постапката е во процедура, односно течат некои жалбени постапки и можно е и тие многу скоро да дојдат за наплата. За другите случаи до каде се постапките не знам, за дел од нив и во претходните години имало некаква исплата“, вели д-р Јовановска.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира