Францускиот претседател Емануел Макрон вели дека Франција ќе ги поддржи сите напори на Северна Македонија на патот кон ЕУ, во согласност со нејзините меѓународните обврски. Макрон и македонскиот премиер Христијан Мицкоски вчера имаа средба на маргините на 5. Самит на Европската политичка заедница во Будимпешта, Унгарија.
„За време на средбата, двајцата лидери се согласија околу важноста за продлабочување на односите меѓу Франција и Северна Македонија, посебно во поглед на економската соработка во областите на енергијата, здравството и транспортот. Претседателот на Републиката, исто така, во овој контекст ја потврди поддршката на Франција за европската траекторија на Северна Македонија. Тој кажа дека Франција ќе ги поддржува сите напори на Северна Македонија во оваа насока, во согласност со нејзините меѓународни обврски“, соопштија од Елисејската палата по средбата.
Мицкоски за средбата со Макрон кажа дека отворено разговарале за одблокирање на патот на Македонија кон Европската унија.
„На маргините на настанот на Европската политичка заедница во Будимпешта остварив продуктивна средба со Францускиот претседател Емануeл Макрон. Отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон Европската Унија. Оптимист сум за нашата иднина, се бориме за нашите аргументи и вистината која е незаобиколива. Ќе дадеме се од себе да ги зачуваме државните и националните интереси“, рече премиерот за средбата.