Главна ѕвезда на саботниот протест на Шарената револуција во Скопје беше една демонстрантка преправена во гатачка. Настапот беше алузија на двете тонски снимки што се појавија на интернет каналот Јутјуб во кои наводно поранешниот премиер Никола Груевски се советува со астролошка за политиката и личниот живот во неговиот кабинет.
Јасновитката на протестот пред Владата рече дека предвидува неславен крај за владејачката партија, а победа за Шарената револуција. На улицата пред Владата со боја беше испишано „Обоени ви се деновите“.
Демонстрантите и денеска ја гаѓаа Владата со балони со боја. Додека се фрлаше боја, тие со овации скандираа „Многу ни е добар чаталот“. Потоа беше обоено и Собранието.
Протестот како и претходните денови почна пред Специјалното јавно обвинителство во 18 часот под мотото „Вие кривични, ние похрабри“.
Комбето кое пред неколку дена беше запленето од полицијата, а возачот доби кривична пријава беше управувано од жени што се секојдневно на протестите.