Сојузна Република Германија донираше вкупно 152.000 евра на четири здравствени установи во земјата, давајќи поддршка во справувањето со пандемијата на коронавирусот, соопшти Германската амбасада во Скопје. Германската амбасадорка во Македонија, Анке Холштајн, потпиша договори за донација за ЈЗУ Клиничка болница во Штип, ЈЗУ Општа болница во Куманово, Здравствен дом во Гостивар и ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ во Прилеп. Тие ќе ги искористат овие средства за набавка на медицинска опрема и амбулантни возила.
Амбасадата им се заблагодари на невладините организации Фондација за локален економски развој од Штип, Центар за рурален развој од Куманово, Европски центар за развој, толеранција и соработка од Гостивар и Центар за граѓанска иницијатива од Прилеп за соработката при имплементација на овие проекти.
Финансиската поддршка од Малите проекти од буџетот на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија има за цел унапредување на социјалниот и економскиот развој на земјата домаќин.