Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн денес предаде донација вредна 16 илја евра во Поликлиниката во Шуто Оризари. Станува збор за медицински материјал, кој е донација од Амбасадата на СР Германија преку Здружението на граѓани Центар за граѓанска иницијатива – Прилеп.
„Со овој проект со кој го поддржуваме Здравствениот дом во Шуто Оризари предаваме различна опрема во вредност од 16 илјади евра за заштита на пациентите и медицинскиот персонал. Оваа донација е по иницијатива на Сојузната Влада за време на германското претседателство во Советот на Европската Унија за помош на земјите од Западен Балкан за помош при пандемијата од ковид-19. Со оглед на состојбите, главен акцент на нашето претседателство беше справувањето со пандемијата и нејзините последици. Овде во регионот на Западен Балкан имаме партнери кои во борбата можат да се потпрат на нас. Особено ни е важно што преку овие проекти можеме да помогнеме на ранливите групи граѓани. Германија досега го поддржа регионот со 15 милиони евра. ЕУ има вложено 3 милијарди евра, во кои Германија учествува со скоро една третина“, кажа амбасадорката Холштајн.
Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека со оваа донација се набавува значајна опрема за оваа поликлиника и се зголемува и пристапот и квалитетот на здравствена заштита во смисла на заштитни маски и кислородни маски.
Б. НЕСТОРОСКА