Германија од почетокот на пандемијата го поддржа здравствениот сектор на Северна Македонија со околу 1.450.000 евра, кажа денеска германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн.
Амбасадорката и министерот за здравство Венко Филипче пред монтажната болница на Инфективна клиника ја претставија донацијата од 72.000 брзи антигенски „Сименс“ ковид тестови во вредност од 298 илјади евра, наменети за јавните здравствени установи и Ковид-центри во земјава.
„Среќна сум што денеска предавам уште една донација за македонското јавно здравство, финансирана од Министерството за надворешни работи на Германија преку Организацијата за помош и заштита од катастрофи. Германија од почетокот на пандемијата го поддржа здравствениот сектор на Северна Македонија со околу 1.450.000 евра. Исто така Германија е коосновач на платформата за снабдување со вакцини АЦТ-А и нејзин најголем донатор со 2,1 милијарди евра“, рече амбасадорката.
Холштајн додаде дека Ковакс снабдува 142 земји со вакцини, а од нив 89 земји во развој добиваат бесплатни вакцини. Притоа секое петто евро доаѓа од Германија, а секое трето од Европската Унија.
„Нашата цел е сите во светот да може да ја добијат потребната вакцина, бидејќи ние сме безбедни, дури тогаш кога сите ќе бидат безбедни“, рече германската амбасадорка.
Б. НЕСТОРОСКА