СПЕЦИЈАЛНО ОД БЕРЛИН: СИЛВЕРА ПАДОРИ КЛЕНКЕ
Германија го вклучи алармот за политичката криза во Македонија. Додека специјалниот пратеник на Министерството за надворешни работи Јоханес Хајндл два дена ќе има серија разговори во Скопје, Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг утре ќе расправа за Македонија во Берлин.
Македонија е тема за расправа на германските пратеници на седница која е затворена за јавност. Членовите на Комисијата треба да го слушнат извештајот на германската влада за состојбата во Македонија. Извештајот пред членовите на Комисијата усмено ќе го презентира државниот секретар во германското МНР Михаел Рот.
САКАМДАКАЖАМ.МК дознава од извори во Владата на Германија дека третата посета на Хајндл на Скопје би требало да донесе и надминување на статус-кво ситуацијата. Поточно, вистински напредок би бил ако Хајндл на заедничка маса ги седне политичките лидери и ако успее да влијае врз натамошната разврска на политичката криза која не се смирува иако претседателот Иванов вчера ја повлече аболицијата за сите 56 помилувани политичари, која се поставуваше како услов за формирање на техничка влада. Ако и оваа трета среќа изостане, тогаш не се исклучува натамошната ескалација, велат изворите на САКАМДАКАЖАМ.МК од Берлин.
Независно од тоа како ќе се одвиваат преговорите на Хајндл со македонските лидери, политички Берлин „случајот – Македонија“ го сели на дискусија од германската Влада и Министерството за надворешни работи во Бундестагот. Ова е само уште една индикација за загриженоста на Берлин и сериозноста со која тука се следат случувањата, кои овој пат се во фокусот на парламентарците во Бундестагот.
Пратеникот Торстен Фрај член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот од пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ вчера ни изјави дека е „љубопитен да слушне какви се очекувањата и видувањата на германската влада во однос на политичката криза во Македонија и на кој начин може да и се помогне на земјата за нејзино враќање во насока на НАТО и ЕУ“.
Торстен Фрај од 2013 година, откако е член на Бундестагот подетално се занимава со Македонија.
„Со голема загриженост го следам многу несреќниот развој на ситуацијата во Македонија. Конкретно мислам на неспроведениот договор од Пржино и неможноста со една нова техничка влада состојбите да се деблокираат“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Торстен Фрај пред утрешната седница на Комисијата во Бундестагот.
„Протестите кои континуирано се оддржуваат покажуваат дека младите луѓе се незадоволни од развојот на настаните и од политиката која се води во земјата. Ако се има предвид дека Грција со години го блокира членството на Македонија во НАТО, ваквите случувања и одат од рака и се нејзин нов аргумент, што апсолутно не е во полза на земјата и нејзиниот развој. Значи, дефинитивно е потребно да се изнајде решение за политичката состојба, со што ќе се одбегне натамошната ескалација“, изјави Торстен Фрај, член на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг од редовите на Христијанско демократската и Христијанско социјалната Унија.