ГЕРМАНСКИ ПРАТЕНИК ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОТИ ЗЕМАЛ ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ПРОМОЦИЈА НА ГРУЕВСКИ

    ГЕРМАНСКИ ПРАТЕНИК ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОТИ ЗЕМАЛ ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ПРОМОЦИЈА НА ГРУЕВСКИГруевски и Цех во Малта пред конгресот на Европската народна партија во март 2017. (Фото: ВМРО-ДПМНЕ)

    Германскиот пратеник Тобијас Цех поднесе оставка во четврток вечер откако магазинот „Шпигел“ објави дека земал кеш за да лобира за ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски.

    „Според истражувањето на Шпигел, пратеникот на ЦСУ во Бундестагот Тобијас Цех работел ПР за партијата на корумпиран македонски политичар“, се вели во воведот на германскиот магазин.

    Понатаму, „Шпигел“ објави дека Цех, пратеник на ЦСУ во германскиот Бундестаг како дел од конзервативниот блок на канцеларката Ангела Меркел, зел петцифрена сума во 2016 година за консултантски услуги од партијата на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој избега во Унгарија за да не оди во затвор и сега живее таму како азилант. Тој и лично работел на промоција на Груевски, а во ноември 2016 година, присуствувал на предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

    Генералниот секретар на ЦСУ Маркус Блуме ја поздрави оставката на Цех и за „Минхен Меркур“ изјави дека оставката е единствениот исправен чекор за да не ѝ предизвика штета на партијата. Блуме додаде дека партијата ќе истражува дали Цех имал конфликт на интереси со тоа што работел за Груевски.

    Во март 2017 година, ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Груевски имал средба со Цех во Малта, на која поранешниот премиер наводно го информирал германскиот пратеник за „Тиранската платформа“ и за протестите на „За заедничка Македонија“.

    Како што објави Дојче веле, од лани 39-годишниот Цех е на чело на Управниот одбор на компанијата „ФармКан“ (PharmCann Deutschland AG) и со неа е тесно поврзан со одгледување канабис во Македонија. Партнер на Цех во Скопје му е Златко Кесковски, поранешен заменик-директор на УБК и шеф на обезбедувањето на експретседателот Борис Трајковски. Кесковски е шеф на Надзорниот одбор на „ФармКан Германија“, и има лиценца за одгледување канабис Македонија.

    Целта е да се „изгради продажна мрежа за Германија“, вели Цех.

    Оставката на Цех доаѓа во најлошото можно време за блокот на Меркел, кој веќе изгуби тројца пратеници поради обвинувањата дека конзервативните пратеници биле замешани во корупциски скандал во договори за набавки на медицински маски.

    Конзервативците доживеаја историски пад на регионалните избори во неделата, со гневот на гласачите за скандалот со маските и со  фрустрацијата за бавниот тек на вакцинацијата против ковид-19.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира