ГИ ИЗБРИШАВ ОРИГИНАЛИТЕ ОТИ ВЕЌЕ БЕА ПРЕДАДЕНИ НА ВЕРУШЕВСКИ, МУ ОДГОВАРАШЕ СВЕДОКОТ ЃОРЃИ ЛАЗАРЕВСКИ НА ОБВИНЕТИОТ САШО МИЈАЛКОВ ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ

    ГИ ИЗБРИШАВ ОРИГИНАЛИТЕ ОТИ ВЕЌЕ БЕА ПРЕДАДЕНИ НА ВЕРУШЕВСКИ, МУ ОДГОВАРАШЕ СВЕДОКОТ ЃОРЃИ ЛАЗАРЕВСКИ НА ОБВИНЕТИОТ САШО МИЈАЛКОВ ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕОбвинетиот Сашо Мијалков со адвокатите (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков во вкрстени прашања кон сведокот Ѓорѓи Лазаревски, кој со цел да пријави масовно прислушување на стотици граѓани во УБК, со години вадел докази за судска постапка, го праша дали во моментов поседува оригинални докази дека тие материјали се од системот на Петтата управа.

    „Не располагам со оригиналните логови кои што ги извадив тогаш, туку сѐ што беше предадено на обвинителството, беа оние снимки што ги извадив. Сè што е симнато од системот „веринт“, за кој ме прашувате е копија. Тоа беше копирање од диск, на кој беа чувани бројните прислушувани телефонски разговори“, одговори Лазаревски.

    Мијалков продолжи: „Но, дали имате материјален доказ дека еве, ова се материјали од ’веринт‘ системот?“, пак праша Мијалков за првиот систем за прислушување, кој се користел до крајот на 2008 година.

    „Немам и објаснив зошто“, рече Лазаревски.

    „Како кога немате оригинален доказ, сте ги чувале за да ги употребите во судска постапка?“, продолжи обвинетиот Мијалков.

    „Јас ги чував материјалите и кога ме викнаа во Обвинителството, пред да ме притворат, го уништив дискот со податоците. Од тој момент ги немам оригиналните логови, а ни пресметката која ја имав направено“, му одговараше сведокот на Мијалков.

    „Зошто сте ги уништиле оригиналите?”, праша Мијалков.

    „Доказите веќе беа изнесени од МВР. Влегувајќи во комплетна неизвесност што ме очекуваше, ги избришав, со оглед на тоа дека веќе беа предадени на Зоран Верушевски“, повторно објасни Лазаревски.

    „Па тие на Верушевски кај се?”, праша на повисок тон Мијалков.

    Тука реагираше судијата Владимир Туфегџиќ и му рече на Мијалков дека на тоа ќе си одговори Верушевски кога ќе биде викнат како сведок.

    Оригиналните логови, всушност, ги потврди Катица Јанева по влегувањето во УБК, а потоа ги споредија со телефонските оператори.

    На прашања на адвокатот Љупчо Шврговски и Сашо Мијалков, Лазаревски ја опишуваше канцеларијата во која се наоѓале системот за гранична контрола, за која бил тој надлежен и стариот систем за прислушување „веринт“. На прашање Лазаревски им одговори како ги поврзал двата компјутера во еден, поточно со серверот, кој бил во плакар во истата просторија со големина од пет метри квадратни.

    „Го откачив кабелот на компјутерот за маркирање и прислушување и го фрлив на подот. Земав обичен џек за два интернет кабла клекнав и ги споив двата кабла, едниот за граничната полиција, другиот за следење на комуникациите од страна на Петтата управа. Ги приклучив всушност двата система на компјутерот за бекапирање. Кабелот што беше на земја, го приклучив всушност во компјутерот за бекап на следените телефонски разговори“, одговори сведокот.

    Покрај Мијалков, обвинети во „Тврдина-Таргет“ се избеганиот во Грција Горан Грујевски, тогашен началник на Петтата управа на МВР, Надица Николиќ, Силвана Златкова, Владимир Варелов, Васил Исакоски и Марјан Шумуликоски, сите од УБК, ексминистерката Гордана Јанкулоска и Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на Мијалков.

    Распитот на Лазаревски од обвинетите и од одбраната продолжува.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира