ГИ ТРГНАВМЕ ДЕЦАТА ОД ВИЗБЕГОВО ЗА ДА НЕ СЛУШНАТ ШТО ЗБОРУВААТ ЗА НИВ НА ПРОТЕСТОТ, КАЖА МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКА

    ГИ ТРГНАВМЕ ДЕЦАТА ОД ВИЗБЕГОВО ЗА ДА НЕ СЛУШНАТ ШТО ЗБОРУВААТ ЗА НИВ НА ПРОТЕСТОТ, КАЖА МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКАЖителите на протестот во неделата побараа дислокација на објектот, и сметаат дека целиот процес е „нечиј личен интерес“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерката за труд и социјала Мила Царовска кажа дека трите деца од малиот групен дом во Визбегово викендов биле префрлени во друг дом поради протестот против нив на дел од жителите на скопската населба, но сега веќе се вратени и засега нема никаква закана по нивните животи.

    „Децата викендот го поминаа на гости кај свои пријатели, исто така поддржани од Министерството. Си се враќаат сега на редовните школски активности и дневното живеење. Сепак, не сакавме да ги слушаат зборовите на населението зашто не бевме сигурни што сè ќе биде кажано. Тие деца доволно долго во животот биле изложени на одредени негативни појави и однесувања од нивните семејства и заедниците, затоа сакавме да ги заштитиме“, изјави министерката Мила Царовска, одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на успешните бизнис приказни со самовработување во Фондот за иновации.

    Таа вели дека ќе се бара заедничко, компромисно решение дали малиот групен дом ќе се дислоцира како што бараат дел од жителите во Визбегово.

    „Дискусијата за дислокација на Домот трае. Очекувам позитивен фидбек на населението, посебно што посебен дел го поддржува групниот дом и тоа го видовме од вчерашните настани, како и од првите соседи кои кажаа нешто сосема спротивно од групата. Групите имаат можност за различни мислења, но важно е мнозинството и тоа како ќе дојдеме до одредено компромисно решение“, рече Царовска.

    За забелешката на дел од жителите на Визбегово дека воспитувачите не се грижат доволно зашто доцна навечер децата излегувале од домот и шетале низ населбата, Царовска рече дека малите групни домови не се затвор.

    „Малите групни домови не се затвор. Тие се од отворен тип. Овие деца се соочувале со социјални ризици со кои поголем дел од нас не се соочиле никогаш во животот. Службите не само што се присутни, туку се таму 24 часа. Тоа е проверено од сите инспекциски служби во Министерството. Но, поддршката од заедницата е најважна во овој момент. Во Скопје вакви домови има многу, не е само овој во Визбегово. Може да се случи некое дете да ја напушти куќата во одреден момент, но важно е за колку време ќе се врати, каде било, што ќе се преземе и тоа се прави. Системот на социјална заштита нуди поддршка, па има простор за грешка, па пак поддршка, сè додека не престанете да правите грешка. Значи, овие институции се отворени и никогаш нема да станат затворени зашто тие се викаат затвор, а не мал групен дом“, вели Царовска.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира