Клиниката за гинекологија и акушерство ќе добие 24 нови инкубатори, одлучи Владата на вчерашната седница. Владата соопшти дека одлучила одделението за интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство да добие на трајно користење осум инкубатори, а шест инкубатори да добие и Клиниката за детски болести.
„На предлог на Генералниот секретаријат на Владата, денес е донесена одлука да се дадат на трајно користење уште 16 инкубатори на Клиниката за гинекологија и акушерство. Донесена е одлука да се дадат 10 инкубатори и на клиничките и општите болници во Штип, Тетово, Струга, Прилеп, Охрид, Куманово, Битола, Гостивар и Струмица, како и специјалната болница за гинекологија и акушерство Чаир во Скопје“, соопшти Владата.
Овие мерки за подобрување на родилиштата во земјава следеа по зголемениот број умрени доенчиња во земјава во последните неколку години, особено на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје. Само годинава на оваа клиника до 30 семптеври починаа 127 бебиња.
Контролата што Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја направи овој месец на Клиниката за гинекологија, покажа дека интензивната нега каде престојуваат предвремеродените бебиња е премнатрупана, бидејќи има капацитет за 25 бебиња, а во неа се згрижуваат и по 50, или по две бебиња во еден инкубатор. Надзорот покажа дека нема доволно кадар на интензивната нега, особено средномедицински кадар. Инспекторите утврдија дека кровот тече, а мувла има од горне до долу долж целата зграда, во која Клиниката беше преселена во декември 2011 година.