ГИНЕКОЛОГОТ ДА НЕ ГИ ИЗРАЗУВА СВОИТЕ РЕЛИГИОЗНИ СТАВОВИ ПРЕД ПАЦИЕНТИ, БАРА НЕВЛАДИНАТА ХЕРА

    ГИНЕКОЛОГОТ ДА НЕ ГИ ИЗРАЗУВА СВОИТЕ РЕЛИГИОЗНИ СТАВОВИ ПРЕД ПАЦИЕНТИ, БАРА НЕВЛАДИНАТА ХЕРАРеакцијата на ХЕРА следи по објавувањето на информацијата дека д-р Вјолце Мбиара, која лани летото стана матичен гинеколог во Општина Шуто Оризари, ги разубедивала жените од абортус оти тоа се коси со нејзините верски ставови

    Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА најостро го осудува секое советување за абортус кое е пристрасно, субјективно, засновано врз религиозни догми за да ја одврати бремената жена од прекинувањето на бременоста.
    Оваа реакција на ХЕРА следи по објавување на информацијата дека гинекологот Вјолце Мбиара, која од лани лето работи во здравствената единица во Шуто Оризари, ги разубедувала бремените жени од абортус, бидејќи тоа се коси со нејзините верски убедувања.

    „Сметаме дека лекарот при давање здравствени услуги не треба да ги изразува своите религиозни ставови. Тоа не значи дека на докторката ѝ го негираме правото на религиозна определба, но при давање на медицинската услуга да биде многу внимателна. Постојано апелираме гинеколозите кога ги советуваат жените да се држат до медицинските податоци, односно да ѝ објаснат на жената кои се методите за вршење абортус, кои се последиците од оваа медицинска процедура и советување за контрацепција. При тоа да бидат внимателни со советувањето да не навлегуваат во религиозните или други ставови на пациентките“, вели Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА.

    Тој објаснува дека вакви случаи кога гинекологот воден од верски убедувања ги разубедува жените за да ги одврати од абортус претходно имаат регистрирано и во приватна гинеколошка здравствена установа.
    „Ваквите случаи не се чести, но сепак ги има и за нив секогаш треба да се реагира“, вели Јовановски.

    Од ХЕРА велат дека според Светската здравствена организација (СЗО) советувањето за прекинување на бременоста треба да биде доброволно и незадолжително. Советувањето мора да биде на начин што го олеснува изборот, го почитува достоинството на жената и ги зема предвид нејзините потреби и перспективи.
    „Секој обид за одвраќање и вршење влијание врз личните одлуки на жените претставува груба повреда на нивниот интегритет, што е основно обележје на човекот. Согласно Уставот на Република Македонија, одлучувањето за создавање деца е основно човеково право“, велат од ХЕРА.

    Од Министерството за здравство велат дека по реакциите во јавноста Државниот здравствен и санитарен инспекторат извршил увид во гинеколошката ординација во Шуто Оризари.
    „Според извештајот од ДСЗИ за време на вршење на надзорот не е утврдена неправилност во работењето. Инспекторатот и натаму ќе ја следи состојбата“, велат од Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира