ГО ИСПОЧИТУВАВМЕ УСЛОВОТ НА НАТО ДА СЕ ИЗДВОЈУВААТ ДВА ОТСТО ОД БУЏЕТОТ ЗА ОДБРАНАТА, КАЖА МИНИСТЕРОТ МИСАЈЛОВСКИ

    ГО ИСПОЧИТУВАВМЕ УСЛОВОТ НА НАТО ДА СЕ ИЗДВОЈУВААТ ДВА ОТСТО ОД БУЏЕТОТ ЗА ОДБРАНАТА, КАЖА МИНИСТЕРОТ МИСАЈЛОВСКИМисајловски кажа дека буџетот за одбраната за 2025 ќе изнесува 329 милиони евра, од кои 106 милиони се наменети за модернизација на армијата (Фото: СДК.МК)

    Македонија го исполнува условот да одвојува два отсто од бруто домашниот производ за одбраната, а дали овој процент ќе се зголеми, ќе знаеме повеќе по претстојните самити на НАТО, кажа министерот за одбрана Владо Мисајловски.

    Во екот на војната во Украина и влошената безбедносна ситуација во Европа, генералниот секретар на НАТО Марк Руте неодамна кажа дека државите можеби ќе мора да трошат и повеќе за одбраната, а од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп доаѓаат најави дека ќе побара од членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбраната на пет проценти од својот БДП.

    „За тоа ќе се разговара на претстојните самити на НАТО. Дваесет и три држави го имаат исполнето условот од два отсто и ќе биде тешко да се издвојуаат уште средства. Останува да се види што ќе бара новата американска администрација. Ова што моментално се бара од нас е испочитувано“, рече Мисајловски.

    Тој кажа дека буџетот за одбраната за 2025 ќе изнесува 329 милиони евра, од кои 106 милиони се наменети за модернизација и опремување на армијата. Во однос на 2024, ова било зголемување за 18 милиони евра. До крајот на следната година треба да пристигнат сите нарачани и купени воени средства.

    „Испораката на сите 96 возила ‘ЈЛТВ‘ треба да заврши до крајот на 2025, исто и на возилата ‘страјкер‘. До крајот на следната година треба да дојдат и нарачаните системи ‘боран‘ и ‘мистрал‘“, најави Мисајловски.

    Во новата воена опрема спаѓаат и осумте хеликоптери нарачани од Италија, но Мисајловски кажа дека неговото министерство прво сака да ја прочешла целата документација.

    „Тоа е најголемиот договор што го имаме потпишано, од 249 милиони евра. Сега ги разгледуваме сите детали и секој документ се проверува стручно. Техничкиот аранжман потпишан од министрите за одбрана на двете земји не е заверен во Министерството и тоа е проблем. Договорот беше потпишан пред изборите и беше платен аванс од 39 милиони евра, а во јануари треба да се исплати првата рата од 35 милиони евра“, кажа Мисајловски.

    Следната година ќе започне постапка за прием на нови 300 професионални војници, а во војската ќе се примат и 60 граѓани со цивилни факултети.

    „Засега не се размислува за враќање на задолжителниот воен рок, нема таква иницијатива“, рече Мисајловски.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира