ГО НАМЕСТИЈА ХАКИ АЗИРИ ТРИ ДЕНА ПРЕД ИСТЕК НА РОКОТ И ТАКА ПОДНЕСОА ОБВИНЕНИЕ, ТВРДИ ОДБРАНАТА ВО „МОНСТРУМ” ДЕКА СЛУЧАЈОТ Е КОНСТРУИРАН

    ГО НАМЕСТИЈА ХАКИ АЗИРИ ТРИ ДЕНА ПРЕД ИСТЕК НА РОКОТ И ТАКА ПОДНЕСОА ОБВИНЕНИЕ, ТВРДИ ОДБРАНАТА ВО „МОНСТРУМ” ДЕКА СЛУЧАЈОТ Е КОНСТРУИРАНЗавршните зборови на одбраната на обвинетите се во тек. (Фото: МИА/принтскрин)

    Насер Рауфи, адвокатот на обвинетите Хаки Азири и Фејзи Азири за петкратното убиство кај Смиљковско езеро, во завршен збор за случајот „Монструм“ за обвинението рече дека е на стаклени ноџиња, но дека тоа е грижа на Обвинителството, бидејќи обвинителите што го застапуваат, треба да го докажат тоа што го тврдат.

    „Ако не е конструиран случајот ‘Монструм’, зошто дури на три дена пред истекот на рокот за поднесување обвинение, го наоѓаат Хаки Азири кому му кажуваат под притисок што да каже во истрагата и така всушност поднесуваат обвинение?”, ја постави својата теорија Рауфи за наводен конструиран случај за извршителите на убиството, односно според обвинението што го застапуваат Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, за тероризам кај Смиљковско езеро и за помагање во тероризам.

    На минатото рочиште, обвинителката Фатиме Фетаи во петчасовен завршен збор, теорија по теорија ги одби сите кои ги пласираше одбраната во насока дека не се овие обвинети сторители на масакрот, дека на друго место се убиени и слично. Тоа го изведе со повторување на клучните докази пред јавноста, со укажување какви се трагите и локвите од крв кога ќе се преместуваат човечки трупови од едно место на друго, со близината од која е пукано, со деталното сведочење на Хаки Азири што рекле обвинетите по убиството кога ги чекал со кола за да ги пренесе кон Косово и совпаѓањето сè што кажал со доказите кои ги нашла крим-техника потоа.

    „Овој случај се водеше по стариот ЗКП и сметаме дека многу наши докази и предлози беа одбивани, а обвинителите беа многу попривилегирани. Да се водеше овој случај по новиот ЗКП ќе имавме право и ние да предлагаме и даваме вештачења и докази. Ова го наведувам од причина што како бранители сме длабоко убедени дека се работи за исконструиран случај”, продолжи Рауфи.

    Рече дека застапниците на обвинението не успеале да го оправдаат ниту со своето допрецизирање на обвинителниот акт.

    „Со допрецизирање треба да се направи само корекција, а тие извршија класична измена на обвинението. Да беа коректни, тие требаше да направат ново обвинение и да и дозволат на одбраната да се подготви. По девет години водење случај за тероризам да се изврши преквалификација на делото за две лица, а притоа Обвинителството да не поднесе докази не се случило досега во мојата адвокатура”, рече Рауфи, забележувајќи дека петкратното убиство остана без мотив.

    Завршните зборови на одбраната на обвинетите се во тек.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира