Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски го осуди нападот на амбасадата на Бугарија во земјава и вели дека станува збор за изолиран случај и институциите реагирале брзо и ефикасно.
„Секој чин во таква форма ние како институција ќе го осудиме. Според првичните информации се работи за изолиран инцидент, создадена е некоја материјална штета која не е голема. Но, независно од тоа, го осудуваме максимално инцидентот. Министерството за внатрешни работи дава голем фокус на процесот за истрагата. За подетални одговори во врска со истрагата би ве упатил да побарате одговор таму. Институционално има брз и ефикасен одговор“, изјави Муцунски одговарајќи на новинарско прашање пред средба со раководството на „Македонија 2025“.
Бугарското МНР вчера објави дека на 11 јануари непознато лице извршило напад на амбасадата при што било скршено стаклото. Од таму соопштија дека овој чин е недозволив напад врз статусот на дипломатското претставништво и претставува грубо кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи.



