ГО ПЛАЌАМЕ ДАНОКОТ ОД ТОА ШТО ДОКТОРИТЕ ДАВАА АНТИБИОТИК ЗА ЦРВЕНО ГРЛО И РАСТЕЧЕН НОС, ВЕЛИ Д-Р ДАНИЛОВСКИ ЗА ЗГОЛЕМЕНИОТ БРОЈ НА ВИРУСИ И БАКТЕРИИ

Според последниот извештај за состојбата со грип на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во периодот од 12-18 декември, во земјава се пријавени 111 случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, 19,4% повеќе во споредба со претходната недела.

    ГО ПЛАЌАМЕ ДАНОКОТ ОД ТОА ШТО ДОКТОРИТЕ ДАВАА АНТИБИОТИК ЗА ЦРВЕНО ГРЛО И РАСТЕЧЕН НОС, ВЕЛИ Д-Р ДАНИЛОВСКИ ЗА ЗГОЛЕМЕНИОТ БРОЈ НА ВИРУСИ И БАКТЕРИИДоктор Даниловски вели дека се наоѓаме среде сезоната на респираторни инфекции и нивниот зголемен број е за очекување. (Фото: К. Попов)

    Додека беснееше коронавирусот, сите други вируси беа потиснати. Сега, кога короната веќе не им е значајна конкуренција, се враќаат засилено на сцена. И наидуваат на „домаќин“ со ослабена или отсутна одбрана, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски, кој лани замина во пензија како раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика.

    Изминативе два месеца се преполовени градинките и училиштата, граѓаните со часови чекаат прегледи кај матичните лекари, а институциите често велат и дека се полни болничките капацитети за деца. Според последниот извештај за состојбата со грип на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во периодот од 12-18 декември во земјава се пријавени 111 случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, 19,4% повеќе во споредба со претходната недела. Во однос на возрасната дистрибуција, 49 лица се на возраст од 15-64 години, 31 кај деца на возраст од 0-4 години, 27 кај деца на возраст од 5-14 години и 4 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца (32,1/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

    Д-р Даниловски, кој е и поранешен министер за здравство, вели дека се наоѓаме среде сезоната на респираторни инфекции и нивниот зголемен број е за очекување. Она што е различно оваа сезона, е тоа што сезоната им започна веќе пролетта, што многу е поголем нивниот број од вообичаениот и што е зголемен бројот на потешки случаи кај децата на кои им треба хоспитализација. Ова не е случај само кај нас, туку насекаде низ светот.

    „Велам вирусите наидуваат на ‘домаќин’ со ослабена или отсутна одбрана. Зошто ослабена или отсутна? Во текот на пандемијата, поради мерките (маски, физичка дистанца), отсуствуваа контакти на децата со вообичаените респираторни вируси – синцицијален респираторен вирус (РСВ), грип, параинфлуенца, риновируси, аденовируси и други, нешто што инаку се случува во првите две години од животот и што овозможува имунолошкиот систем на детето да се запознае со нив и да развие специфична одбрана. Сега тоа го немавме. Имунитетот што бил стекнат, овенал, зашто кратко трае и за да се одржува, потребни му се ‘редовни’ контакти со вирусите. Или воопшто не се формирал. Па така, кога се симнаа мерките и децата (не само децата) почнаа да комуницираат меѓу себе, голема беше веројатноста да се инфицираат. И да добијат потешка клиничка слика. Исто така, познато е дека детето по раѓањето е заштитено со антитела од мајката, што таа му ги пренесува преку млекото во тек на првите месеци. Сега, мајките немаа што да им пренесат на децата, зашто и тие не доаѓаа во контакт со тие вируси“, истакнува тој.

    Ќе се смири состојбата штом се воспостави еколошката рамнотежа, штом ќе го ‘вратиме’ имунитетниот долг. Ќе го враќаме, веројатно, една-две сезони, вели  д-р Даниловски. (Фото: Принтскрин од видео)

    Намалената изложеност на вакви, ендемични вируси, вели д-р Даниловски, создаде т. н. имунитетен долг (јаз) – отсуство на формирање специфичен имунитет што ќе штити од идна инфекција. Во услови на слободно ширење, инфекциите со РСВ и други вируси станаа побројни, но и потешки. Болницата во Козле е постојано полна, додава тој.

    Причина за појавата на зголемен број пневмонии кај децата, според него, веројатно, не е само „имунитетниот долг“ кон респираторните вируси, пред сѐ РСВ. На подлога на вирусна инфекција лесно се накалемува бактериска инфекција. Поголемиот број вирусни инфекции доведува и до поголем број бактериски респираторни инфекции, често – пневмонии.

    „Пневмококот е најзначаен нивни причинител. А познато е дека тој лесно развива резистенција кон најчесто користените антибиотици. Кај нас, за жал, постои многу раширена пракса (отсекогаш – не само во тек на пандемијава!) да се ординира антибиотик и само за црвено грло или растечен нос. Напамет го научивме образложението на докторите, ‘да не се спушти на плуќа’. Сега го плаќаме данокот. Ако ни е за утеха, не сме сами. Слична пракса имаа(т) и пошироко на Балканот, но и во некои европски земји, на пример, Шпанија. Пневмококот (но и други бактерии) сигурно, во тек на пандемијава и дополнително развил резистенција. А тоа неизбежно создава ‘главоболки’ при изборот на адекватна терапија“, кажа епидемиологот.

    Причина за зголемениот број пневмококни пневмонии е и симболичниот опфат со пневмококната вакцина, одобрена за употреба кај нас во 2019 година. Според д-р Даниловски, наместо „елегантно лесно да си обезбедевме здравје за нашите деца со давање на апсолутно безбедна вакцина, ние сега – непотребно – одиме по потешкиот пат. Во Македонија се користи вакцината ‘Превенар 13’ (за 13 типови на пневмокок). Се дава на возраст од 2 месеца до 5 години (2 дози плус 1 ревакцина), но може и во било која возраст, ако постојат состојби со компромитиран имунолошки систем.

    За пневмониите предизвикани од РСВ вирусот нема специфичен лек, освен симптоматска терапија. За него сѐ уште нема ниту вакцина. Интензивно се работи на тоа, но вакцината сигурно нема да стане достапна оваа сезона. Нема вакцина за РСВ, но има за грип, па препорачливо би било да ја примат децата до пет години, трудниците, старите лица и оние со компромитиран имунитет, зашто и грипот е во пораст“, продолжува професорот.

    Во меѓувреме, вели тој, има некои работи што може да се направат, за да се ограничи ширењето на РСВ и други респираторни вируси.

    „Тие ќе звучат многу познато. Да си ги миеме често рацете. Да киваме и кашламе во марамче или во лактот на свиткана рака, наместо во дланките. Да си го јакнеме имунитетот со многу сон, здрава исхрана и редовна физичка активност. Да носиме маска, ако имаме симптоми. Да останеме дома, ако сме болни. Ќе се смири состојбата, штом се воспостави еколошката рамнотежа, штом ќе го ‘вратиме’ имунитетниот долг. Ќе го враќаме, веројатно, една-две сезони. За потоа, повторно да се воспостави вообичаениот сезонски ритам на респираторните вирусни инфекции. Со тоа што, во нивно друштво ќе се најде и короната“, потенцира д-р Даниловски.

    Во последниот извештај на ИЈЗ, е наведено дека во периодот од 12-18 декември, регистриран е еден смртен случај асоциран со грип. Се работи за лице на возраст од 48 години од Штип кој бил хоспитализирани во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети (дијабет, карцином) и не бил вакциниран со вакцина против сезонски грип.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира