Премиерот Зоран Заев по денешното кусо рочиште во Кривичниот суд на кое беше пуштена објавената снимка – посебна истражна мерка на обвинителството за предметот „Поткуп“, објасни во кој контекст го спомнува брат му Вице Заев.
Целосната снимка по одлука на Скопска апелација, беше пуштена без присуство на јавноста.
„Бизнисменот Иван Николов што ме снима и мести е клиент на менувачницата ’Пеон‘ кај што работи брат ми. Прашањето кое е прекинато и го нема на снимката е: Што ако парите за изградбата на црквата се во евра? Јас му велам ќе ги смениш во менувачницата во денари и ќе купиш цементо, бетон, железо, колку милуваш да донираш. Тоа е меѓу тебе и Господ“, одговори Заев на прашање на САКАМДАКАЖАМ. МК.
Денеска беше пуштена снимката, која имаше слаб тон. Но, се забележуваше на три места дека е пресечена. Судот ги забележа во записник минутажите кај што е прекинувана видео снимката од разговорот за кој сведокот Николов тврдеше дека тогашниот струмички градоначалник му барал едно евро за црквата во градба, едно за „мене, за брат ми“, како што се слушна Заев на сечената снимка.
На 15 мај се завршните зборови, извесно е дека обвинителката Валентина Бислимовска ќе го менува обвинителниот акт за примање поткуп, бидејќи и Николов кажа дека не исплатил за такво нешто ни денар, при приватизацијата на градежното земјиште во општина Струмица.
С. К. ДЕЛЕВСКА