ГОДИШНО СЕ ПРОПУШТА РАНО ОТКРИВАЊЕ РАК КАЈ ИЛЈАДНИЦИ ЖЕНИ ЗАШТО НЕМА СЕРИОЗЕН СКРИНИНГ, ВЕЛАТ НЕВЛАДИНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

    ГОДИШНО СЕ ПРОПУШТА РАНО ОТКРИВАЊЕ РАК КАЈ ИЛЈАДНИЦИ ЖЕНИ ЗАШТО НЕМА СЕРИОЗЕН СКРИНИНГ, ВЕЛАТ НЕВЛАДИНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИИнциденцата во Македонија и смртноста сè уште не покажуваат значителни промени на опаѓање (неопходно да се постигне опфат од најмалку 70% од популацијата под ризик и тоа за период од 2 години за да се постигне битно намалување на смртноста од рак на дојка). (Фото: К. Попов)

    Во Македонија годишно се пропушта дијагностицирање и лекување од рак на грло на матка кај 24.137 жени, а поради отсуство на сеопфатен скрининг на секоја втора година, се пропушта рана детекција на рак на дојка кај 796 жени во период од 2 години, односно 398 жени годишно, се вели во анализата „Главни економски аргументи за инвестирање во Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања“.

    Програмата има широк опфат со скрининг на четири вида на малигни заболувања: рак на дојка, рак на грло на матка, рак на дебело црево и рак на простата. Впечаток за програмата е дека има простор да се подобри програмирањето, буџетирање на активностите да се допрецизираат, а потоа и извршувањето транспарентно да се презентира на општата и стручната јавност, се вели во анализата.

    Анализата е дел од проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“ поддржан од Швајцарската амбасада преку програмата Сивика Мобилитас, а партнерски го спроведуваат ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружение ЕСЕ, Заедно посилни и Здружение Иницијатива  за правата на жените од Шуто Оризари.

    Ракот на дојката е најчесто малигно заболување кај жените и најчеста причина за смрт. Секоја осма жена ќе се соочи со ова заболување во текот на својот живот. Со детекција во рана фаза се намалува смртноста и до 30 отсто. Инциденцата во Македонија (бројот на новорегистрирани случаи во текот на една година) и смртноста (морталитетот) сè уште не покажуваат значителни промени на опаѓање (неопходно да се постигне опфат од најмалку 70% од популацијата под ризик и тоа за период од 2 години за да се постигне битно  намалување на смртноста од рак на дојка).

    Годишно се дијагностицираат просечно од 700 до 800 нови случаи. Националната програма за рано откривање на ракот на дојка во Македонија започна  да се спроведува од 2015. Жени на возраст од 40-69 години се покануваат за мамографски преглед на две години преку покани / пријавување преку интернет.

    Доколку се искористи пописот на населението од 2021, според кој жени од 40-69 години има 379.199 од кои 70% би требало да бидат опфатени со програмата во период од 2 години (односно вкупно 265.439 или 132.719 годишно), и доколку се земе едноставно процентот на жени со суспектни наоди од 2019 година од 0.3%, во тој случај Македонија поради отсуство на сеопфатен скрининг на секоја втора година пропушта рана детекција на рак на дојка кај 796 жени во период од 2 години, односно 398 жени годишно (наспроти 3, односно 5 жени во 2020 и 2019 година респективно).

    Во првите години од воведување на програмата се забележува поголем фокус на проблемите околу квалитетот на снимањето, медицинскиот персонал, соодветноста на опремата.

    Невладините организаци, меѓудругото, препорачуваат Министерството за здравство заедно со циркуларот за потребата од реално буџетирање на програмите за следната година да ги доставува до Министерството за финансии и извештаите од реализација на програмите и резиме од постигнатите цели и индикатори и спасени животи. (Фото: СДК.МК)

    „За жал, за последните 3 години не постои извештај за да може да се направи соодветна анализа на успешноста на програмата, на опфатот, на индикаторите, на резултатите и како се развива програмата. Кај нас недостасува сериозен (приоритетен) пристап за успешно спроведување на овој скрининг“, вели студијата.

    Иако од година во година буџетот на Министерството за здравство и буџетот за превентивни програми во апсолутни вредности растат, сепак во релативни вредности во однос на Буџетот на државата постојано се намалуваат. Што укажува дека ниту здравството, ниту превенцијата како сегмент од здравството, не претставуваат приоритет на Македонија (исклучок е 2021 година заради ковид акцинацијата) и државата не ги алоцира максимално расположливите средства за спречување на појавата на заболувањата. Тоа значи дека државата нема проактивен однос кон потребите и заложите за превенцијата како најдобра инвестиција за здрава популација.

    Карциномот на грлото на матката во светот учествува со 10% во вкупниот број на малигни неоплазми. Тој е дванаесетти по честота и петти по смртност рак кај жените во светот. Овој скрининг има најдолга историја во Македонија. Во годишните програми има формулација дека скринингот се смета за успешен доколку во период од 3 години се опфатат 75% од жените на целната возрасна група. Но, програмите немаат дефинирано годишни индикатори за успешност (иако во некои постои 5% индикатор од таргетираната популација да биде предмет на скрининг, а тоа е далеку од потребното ниво на скрининг за да се оствари посакуваниот опфат за 3 години од 75%).

    Доколку се земе бројот на таргетирани жени од 21 до 59 години дека е 461.381, за да се постигне успешноста на програмата од 75% на жените во период од 3 години да имаат скрининг, тоа значи дека годишно програмата треба да опфати по 115.345 жени. Доколку пак се искористат резултатите од 2019 година, каде 21% од наодите се позитивни, годишно би се откривале 24.222 жени со позитивни наоди (наспроти 2.717 жени во 2019 година), на кои доколку навремено се делува, квалитетот на живот нема да им се намали, а и стапката на смртност во Македонија значително ќе се намали од овој вид на малигно заболување. Македонија преку овој пристап на програмата пропушта годишно да дијагностицира и да лекува 24.137 жени.

    Рак на дебело црево е рангиран на третото место во однос на инциденцијата, и на второто место во однос на смртноста. Опфат на програмата во Македонија се пациенти со просечен ризик за колоректален карцином на возраст од 50 до 75 години кои претходно веќе немаат медицинска дијагноза.

    Трошоците за масовен скрининг со колоноскопија кај повеќето земји во развој во моментов не е оправдан со оглед на значителните трошоци за колоноскопија и несоодветното спроведување на дијагностички и третмански услуги. Искуствата сугерираат дека скринингот за колоректален карцином со попристапни и помалку инвазивни методи (тестирање на столица за окултно крварење-ФОББ) може да бидат исплатливи и да понудат можност за контрола на растечкиот товар на болеста.

    До 2022 скринингот, кој е релативно нова превентивна програма, се одвивал преку набавка, дистрибуција и реализација на ФОББ тестови, а од 2023 скринингот се следи исклучително преку број на спроведени колоноскопии (иако нема соодветна кост-бенефит анализа и извештај за причината на промената на пристапот на превенција во Македонија).

    Македонија со својот скромен буџет за здравство, а уште поскромен за превенција, е потребно да развива поголем број на кост-бенефит анализи пред да донесе било каква одлука за оправданост на одредена метода за скрининг или пак за промена на методите.

    Колоноскопијата како здравствена услуга е потешко достапна за спроведување на  масовен скрининг кај популацијата отколку ФОББ тестовите. Меѓународното искуство и кај многу побогатите земји укажува дека ФОББ тестовите и покрај нивниот процент на лажно позитивни се оправдано најефикасни за проверка на таргетираната популација на секои 2 години.

    Рак на црн дроб како трета најчеста причина за смртност од малигна болест во светот, добива значење и препознавање и во Македонија преку постепено воведување во програмата за скрининг и рана детекција на малигни заболувања и формирање на Центар за болести на црн дроб и тестирање на пациенти на годишно ниво за 500.000 денари (нема податок колку пациенти годишно се тестираат, ниту какви се резултатите од скринингот).

    Во моментов кога нема дефинирано индикатори за успешност и следење на програмата, не е изготвен ниту еден извештај за спроведување на овој скрининг од аспект на број на прегледи, резултати, дијагностицирани пациенти, симболично или недефинирано буџетирање на програмата, не е можно да се анализира оваа програма.

    Во однос на активности за превенција и рана дијагностика на рак на простата, анализата вели дека иако во програмата во 2014  имаше предвидено превентивни прегледи, потоа од 2015-2022 имаше предвидено кампања за подигнување на свесноста, од 2023 година нема превидено никакви превентивни активности за овој вид на малигно заболување во Македонија.

    На веб страница последен извештај за спроведување на оваа програма е за 2020 година. Од последните расположливи извештаи за програмите 2020 и 2019 година може да се констатира дека истите не даваат отчет за реализираните активности, за постигнатите индикатори, туку само се повторуваат што било планирано да се реализира како финансиски план.

    Во делот за решенија и предлози, невладините организаци, меѓудругото препорачуваат Министерството за здравство заедно со циркуларот за потребата од реално буџетирање на програмите за следната година да ги доставува до Министерството за финансии и извештаите од реализација на програмите и резиме од постигнатите цели и индикатори и спасени животи, како и да се изготви анализа за причините за високиот процент на нереализацијата на буџетот на програмата (високиот јаз меѓу планираната/буџетирана програма и реализацијата по завршната сметка) и да се надминат идентификуваните проблеми.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира