ГОЛЕМ ДЕЛ ОД УЧЕНИЦИТЕ ПРЕПИШУВАЛЕ ЦЕЛИ ЕСЕИ НА АНГЛИСКИ ЈАЗИК ОД ИНТЕРНЕТ НА ДРЖАВНАТА МАТУРА, РЕЧЕ ДИРЕКТОРКАТА НА ИСПИТНИОТ ЦЕНТАР

    ГОЛЕМ ДЕЛ ОД УЧЕНИЦИТЕ ПРЕПИШУВАЛЕ ЦЕЛИ ЕСЕИ НА АНГЛИСКИ ЈАЗИК ОД ИНТЕРНЕТ НА ДРЖАВНАТА МАТУРА, РЕЧЕ ДИРЕКТОРКАТА НА ИСПИТНИОТ ЦЕНТАРНаумовска рече дека резултатот од оваа матура е многу добар (4) за разлика од предминатата година кога оценката беше добар (3). (Фото: Принтскрин од видео )

    Голем дел ученици препишувале цели текстови или делови од текстови од интернет, при полагањето на англиски јазик на државната матура, рече денеска директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Елизабета Наумовска.

    Презентирајќи ги резултатите од државната матура, Наумоска рече дека добила неформална забелешка од оценувачите и дека чека извештај за полагањето на англиски јазик.

    „Дали тие подготвувајќи се, учеле напамет цели есеи или на некој друг начин, но имаа на располагање лаптопи, Интернет и можеа тие работи да ги проверат. Би сакала да посочам, секогаш сопствените знаења и сопственото изразување дали на мајчин јазик или на странски јазик, треба да биде приоритет за сите матуранти. Можеби некогаш полошо ќе се изразат, ама препишувањето, копирањето на цели текстови од интернет особено на англиски јазик не е дозволено, и тука оценувачите беа строги“, кажа Наумовска.

    Директорката на ДИЦ кажа дека средната оценка од двата екстерни испита на државната матура во јуни 2021 (5 и 11 јуни) е 3.61 и е подобра од претходната државна матура, во 2019 година, кога просечниот успех беше 3.48. Полагаа речиси 15. 300 матуранти, а  резултатите се објавуваат денес од 12 часот на огласните табли во училиштата и во системот matura.gov.mk.

    Наумовска рече дека преведено во оценка, резултатот од оваа матура е многу добар (4) за разлика од предминатата година кога оценката беше добар (3). Лани не се полагаше државна матура поради ковид пандемијата. Според неа, матурантите и покрај отежнатите услови, успеале да постигнат повисоки резултати и покажале дека тоа е возможно и со онлајн-наставата. Таа посочи дека на оваа генерација матуранти им е излезено во пресрет и полагаа по скратени испитни програми.

    Од испитот по македонски јазик и литература просечната оценка е 3.93,а полагале 10.647 матуранти (во 2019: оценката била 3.69). Албански јазик и литература средна оценка е 3.59, полагале 3873 (во 2019: 3.85); турски јазик и литература постигната е средна оценка 3.57 од 253 матуранти кои полагале (во 2019: 3.73), средниот успех по англиски јазик е 2.82 од 13 033 што полагале (во 2019 успехот бил 3.07); француски јазик полагале 31 ученик и постигнале просечна оценка 4.58, а пред две години успехот бил 4.61; германски јазик полагале 135 со средна оценка 4.56 (во 2019 е постигната 4.41), руски јазик полагале 18 матуранти и е постигната просечна оценка 4.78 за разлика од 4.07 во 2019 година.

    Математика полагале 1.510 матуранти и постигнале среден успех од 4.07, што е подобро од 2019 кога е постигнат 3.66. Во уметничките училишта вториот екстерен беше филозофија односно естетика. Филозофија полагале 13 матуранти и е постигната средна оценка 4.23 (во 2019 успехот бил 3.89) и естетика полагале 63 и постигнале просечна оценка 4.03 за разлика од 4.38 пред две години.

    Матурантите имаат право на приговор во рок од три дена односно до среда, со уплата од 1.500 денари.

    Следната сесија за полагање на екстерните испити е на 11 и 13 август.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира